Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, денес во Министерството за одбрана оствари средба со амбасадорот на Кралството Норвешка Н.Е. Арне Санес Бјорнстад, на која се дискутираше за интензивирање на билатералната соработка помеѓу двете земји особено во областа на одбраната.
На средбата, министерската Шекеринска се заблагодари за искрената и отворена соработка од Кралството Норвешка, како и за поддршката која во континуитет ја добиваме за полноправно членство во НАТО.
„Би сакала да се заблагодарам за вашата искрена и недвосмислена поддршка во остварување на нашата стратешка цел, полноправно членство во Евроатлантското семејство. Соработката и поддршката која Кралството Норвешка ја дава на Македонија, но и на регионот воопшто се видливи преку реализираните проекти и ние би сакале оваа поддршка да продолжи и понатаму и особено во однос на подобрување на транспарентноста на институциите. Тоа ќе помогне во борбата против корупцијата. Ние ќе се залагаме овој тренд на интензивирање на билатералната соработка со Кралството Норвешка да продолжи преку нови проекти кои ќе бидат од особен интерес за целиот регион воопшто“, рече министерката Шекеринска.
Амбасадорот Бјорнстад во оваа прилика упати уверување дека Кралството Норвешка продолжува со поддршката Македонија да стане членка на НАТО. Тој додаде дека транспарентноста е еден од клучните елементи во борбата против корупцијата и дека Кралството Норвешка може да помогне во однос на ова.
„Кралството Норвешка ќе продолжи да ја дава својата поддршка на Македонија, како во техничка така и во советодавна смисла со цел интеграција во Евроатлантските структури“, рече амбасадорот Бјорнстад.