Одржано редовното годишно Собрание на ФФМ

На редовното годишно собрание на Фудбалската федерација на Македонија кое се одржа вчера, се усвои буџетот за 2015 година, завршната сметка и ревизорскиот извештај за изминатата година.

Беа усвоени и предлог измените на дисциплинскиот правилник поврзани со анти-допинг правилата и неспортско, дискриминаторско однесување и презир.

Беше презентиран и усвоен извештајот на претседателот и Управниот одбор.

Во рамките на презентацијата беше изложена и идејата за воведување на регионално натпреварување под покровителство на УЕФА.

Презентација за Регионално клупско натпреварување: Regional Competition format.pdf

Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија Илчо Ѓорѓиоски во воведниот говор истакна дека се што работи и поддржува Фудбалската федерација на Македонија се базира на основните вредности на Европската и Светската фудбалска асоцијација, а првиот и најважниот елемент е фудбалот на прво место. На тие принципи и Фудбалската федерација на Македонија ја базира програмата за развој на македонскиот фудбал.

„Сакаме да им помогнеме на сите, нашата цел е да направиме заеднички напори и вложувања, а сето она што се работи во европските фудбалски центри, мора да се направи и во Македонија.

Во изминатата година, Фудбалската федерација на Македонија со поддршка од УЕФА и хет-трик програмата за развој ја засили соработката со институциите, а во правец на развој на фудбалската инфраструктура која ја има клучната улога во развојот на фудбалот во целост.

Со поддршка од УЕФА и ФИФА, Фудбалската федерација е способна да реализира важни проекти за македонскиот фудбал, од изградба на инфраструктура до едукација на тренери, фудбалски работници и навивачи.

Без оглед што ФФМ мора да води грижа за бројните репрезентации, никогаш нема да се измориме од давањето поддршка, материјална и секаква друга во сите средини во Македонија.

Наша мисија е да соработуваме со локалните и со регионалните организации и здруженија, клубови, лиги, гледачи, навивачи и со останати страни кои ја водат играта и го забрзуваат растот, развојот и континуитетот на македонскиот фудбал.

Инвестирањето во развојот на младите фудбалери, во стручните кадри, како и во подобрувањето на инфраструктурата останува да биде приоритет во работењето на федерацијата.

Токму поради сето тоа, Фудбалската федерација на Македонија е во тесна соработка со сите кои се дел од нашиот спорт“, – истакна Ѓорѓиоски.

Членот на Извршниот комитет на УЕФА, Григориј Суркис и претставникот на ФИФА, Ева Паскуер беа гости на Редовното годишно Собрание на ФФМ.

„Многу е пријатно да се види дека свое место наоѓа вплотувањето и усилбите на Фудбалската федерација на Македонија насочени кон развојот на локалната инфраструктура. При мојата претходна посета, во март 2013. година, јас веќе го изразив својот восхит од прекрасното седиште на вашата асоцијација и националниот тренинг-центар изграден со поддршка на програмата за помош на УЕФА HatTrick.

Во Скопје е изграден прекрасен стадион „Филип II Македонски“, при чија што реконструкција УЕФА исто така дала значителна финансиска помош. Како раководителот на Комитетот за стадиони и безбедност знам за успешната реализација на заедничкиот проект со УЕФА за градба, овде се наоѓаат десетици вештачки игралишта со најсовремена покривка.

Тоа, а и многу друго дозволува да се констатира дека во Македонија се формира издржлива и долготрајна база за понатамошен развој и просперитет на играта на милиони. И јас не се сомневам дека не се далеку новите достигнувања на вашата федерација на национален и меѓународен план. Мене ми е пријатно да констатирам дека фудбалскиот актив на Македонија целосно ја споделува политиката на УЕФА за нула толеранција во врска со негативни појави од секаков вид – употребата на допинг, насилство на трибините, нечесна игра, а исто така и за таквите социјални болести, како што е расизам или било кои облици на манифестација на дискриминација и нетрпеливост. Ние едноставно сме обврзани да направиме сé за да го ослободиме фудбалот од пороци кои се несвојствени за него“, – истакна високиот гостин од УЕФА, Григориј Суркиз.