Средба Шекеринска – Жбогар: На Македонија и претстојат вистински реформи

Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, утрово во Министерството за одбрана оствари средба со шефот на Делегацијата на Европската унија во Македонија, амбасадорот Самуел Жбогар.

Министерката Шекеринска на денешната средба се заблагодари на ангажманот на мисијата на Европската унија за време на кризниот период и за континуираната поддршка.

„И покрај сите предизвици со кои се соочивме изминатиот период, охрабрува што земјата успеа да се придвижи напред. Се наоѓаме во ситуација во која се што ќе направиме на фронтот кон ЕУ ќе ни помогне за интеграција и во НАТО“ рече министерката.

Амбасадорот Жбогар, на министерката и упати честитки за нејзиното именување за министер за одбрана и за вицепремиер на Влада на Република Македонија и го поздрави видливиот оптимизам по воспоставувањето на новата Влада.

Тој истакна дека во рамки на Европската унија прашањето за европската одбрана станува сè поважна тема. Додаде дека миграцијата претставува заедничко прашање и ја истакна улогата на Армијата на Република Македонија во справувањето со неа. Во оваа прилика тој изрази надеж дека Собранието на Република Македонија ќе донесе одлука за продолжување на мандатот на Армијата на јужната граница.