Постапувајќи по констатирани неправилности, Царинската управа на Република Македонија во месец мај 2017 година до надлежните јавни обвинителства поднесе 3 кривични пријави, против 4 физички лица и 1 правно лице.
Кривичните пријави се поднесени поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела „Царинска измама“, „Криумчарење“ и „Фалсификување исправа“.
Царинска измама
Една кривична пријава, до Основното јавно обвинителство Гевгелија, е поднесена против лицето А. А. од Охрид, во својство на одговорно лице во правно лице и против правното лице, поради постоење на основано сомнение дека сториле кривично дело царинска измама по член 278а од Кривичниот законик. Пријавените во текот на 2014, 2015, 2016 и 2017 година дале лажни податоци за стоките при увозно царинење, а кои влијаат на пресметките на износот за плаќање на царина и други увозни давачки. За потребите на пријавеното правно лице на 03.01.2013 година, до Царинската управа на Република Македонија поднесено е барање за издавање на задолжителна тарифна информација. Согласно барањето, Царинската управа издаде задолжителна тарифна информација со рок на важење од 3 години. Во постапката на увозно царинење на стоките за потребите на пријавеното правно лице на македонските царински органи им приложиле царинска декларација со лажна тарифна ознака, иако располагале со задолжителна информација за правилната тарифната ознака, со намера да избегнат делумно плаќање на царинските давачки. Царинската управа изврши дополнителна пресметка за евидентирање на царинскиот долг во износ од 1.151.005 денари и го задолжи увозникот да ги доплати избегнатите давачки.
Криумчарење
Една кривична пријава, до Основното јавно обвинителство Скопје, е поднесена против две физички лица О.Д. и С.Р., двајцата државјани на Република Македонија. На 24.04.2017 година, при вршење контрола од страна на мобилните тимови, на скопската обиколница во автобус со турски регистарски ознаки, што сообраќал на редовна линија Истанбул – Гостивар – Истанбул, на повеќе места во автобусот сместени во кеси, билa пронајденa поголема количина на различни лекови (1140 кутии) со потекло од Република Турција со вкупна вредност од 210.250 денари.
Фалсификување исправа
Една кривична пријава, до Основното јавно обвинителство Гевгелија, е поднесена против лицето Н.Б. државјанин на Република Македонија, кој на 23.04.2017 година со патничко комби се пријавил на излез од Република Македонија. Пријавениот, на царинските службеници им го доставил Сертификатот за учество на возачите во меѓународниот патен сообраќај издаден од страна на Министерството за транспорт и врски, на негово име на 08.07.2015 година, со рок на важност до 01.07.2020 година. Бидејќи царинските службеници се посомневале во веродостојноста на сертификатот истиот привремено го одзеле. Од страна на Одделението за истраги извршена е проверка во Министерството за транспорт и врски од каде е добиен одговор дека Министерството има издадено Сертификат со ист сериски број и на ист носител на сертификат како на оној што е привремено одземен од царинските службеници, меѓутоа оригиналниот сертификат бил издаден на 25.11.2009 година, со рок на важност до 25.11.2014 година, а не како приложениот на кој било наведено дека е издаден на ден 08.07.2015 година, со рок на важност до 01.07.2020 година. На ваков начин осомничениот лажната јавна исправа ја употребил како вистинска пред надлежен царински орган.