Во врска со соопштението од ОО на СДСМ Охрид, реакција испрати Општина Охрид во која стои:
„Знаеме дека секој нов проект кој го реализира локалната самоуправа особено капитален и допадлив за граѓаните на Охрид е ноќна мора за СДСМ – Охрид. Ги очекувавме после вчерашното отпочнување со градежни активности на градскиот пазар да се јават со неартикулирано и манипулативно соопштение, она што беше незнаница беше само темата која по којзнае кој пат ја промашија.
Знаеме дека ги боли уредувањето на тротоарите на „Туристичка“, а уште повеќе ги боли уредувањето на дрворедот.
За разлика од нив, ние не дезинформираме: поголемиот дел од стариот дрворед беше дотраен, со неуредни крошни и претставуваше опасност по минувачите и велосипедистите, од друга страна корените од најголемиот дел од дрвата високо го подигаа и оштетуваа бетонот, заради што беше оневозможено нормалното движење. Освен тоа корењата на дел од дрвјата навлегуваа во канализационите системи и ги оштетуваа, а на места и ги запушуваа.
Затоа, почнувајќи уште од денес Јавното претпријатие „Охридски комуналец“, според планот ќе поставува нови садници јасен и јавор, кои ќе го красат новиот лик на „Туристичка“.
Граѓаните на Охрид уште од сега масовно се изјаснуваат на кого ќе ја дадат довербата во Октомври. На оние кои не ги лажат, на оние кои не ги манипулираат, туку на оние кои совесно, одговорно, домаќински и транспарентно работат за нив. Не на оние кои ветуваат, туку на оние кои ги реализираат ветувањата.“ – стои во реакцијата од Општина Охрид.