Учениците од ОУТУ „Ванчо Питошески“ го полагаа завршниот практичен дел од матурата

Учениците од ОУТУ „Ванчо Питошески“ Охрид од образовните профили келнер и готвач, го полагаа завршниот практичен дел од матурата. Пред комисијата и предметните професори во кабинетот за готварство, готвачите ги покажаа своите вештини во кујната за подготвување на специјалитети за предјадење, главно јадење и десерти, додека пак во кабинетот за послужување келнерите кувертираа маси за банкет, фламбираа и послужија морски плодови, банани, кувертираа ресторанска сала по ала карт, презентираа вештини од барменството приготвувајќи коктели и беа задолжени за нивно послужување. За матурантите последниот дел од завршниот испит не беше тежок. Со задоволство им покажаа на присутните што научиле, бидејќи трудот и нивното дело се гледаа. Во дегустацијата уживаа и учениците, видно задоволни од она што го подготвиле покажувајќи ја својата кретивност, иновативност и професионалност. Учениците си обезбедуваат работа додека посетуваат практична настава бидејќи работодавaчите го препознаваат квалитетот. Затоа треба да се даде акцент на средното стручно образование, особено угостителско-туристичката струка, бидејќи на пазарот на трудот недостасуваат такви кадри за вработување во градот и земјата.