СДСМ: Охриѓани ќе го казнат неодговорното владеење на Бакрачески и ВМРО-ДПМНЕ

ОО на СДСМ Охрид испрати соопштение до медиумите, во кое стои:

„Градоначалникот во заминување, Никола Бакрачески, во неговото јавно обраќање со отчет за четиригодишниот мандат, како и секогаш, за неуспесите на локалната власт, ги обвини сите освен самиот себе.

Бакрачески не кажа ниту збор за нереализираните капитални проекти со кои ги излажа граѓаните пред четири години. Не стана ниту збор за затворениот пазар, за автобуската станица, за домот за возрасни лица, марината, најавените големи хотелски имиња и катните гаражи, ветување со кои четири години ги лажеше граѓаните.

За Бакрачески најголемо достигнување било справувањето со долгот, без при тоа да каже ниту колкав бил точно тој долг пред четири години, ниту колкав е сега. За потсетување, Бакрачески досега споменуваше неколку паушални бројки од 25, 33 па се до 50 милиони евра.

Наместо да објасни зошто нема реализирано ниту една капитална инвестиција, Бакрачески се оправдува со политичката и општествена криза, со лошата меѓуинституционална соработка, па дури се пожали и на опструкции од централната власт водена од неговата партија ВМРО-ДПМНЕ. Накратко, отчетот на градоначалникот во заминување, се сведе на барање виновници за неговата неспособност да раководи со општината.

Затоа веќе есенва, граѓаните на Охрид ќе го казнат ваквото неодговорно владеење на Бакрачески и ВМРО-ДПМНЕ. Охрид ќе добие нова локална власт предводена од СДСМ, која во прв план ќе ги стави интересите на граѓаните и на општина Охрид.“– се вели во соопштението.