Одбранбената соработка помеѓу Република Македонија и Обединетото Кралство се реализира на исклучително високо ниво и и двете земји ќе вложат дополнителни напори за нејзино унапредување, заклучија министерката за одбрана Радмила Шекеринска и амбасадорот на Обединетото Кралство во Македонија, Н. Е. Чарлс Герет на денешната средба во Министерството.
Министерката Шекеринска на средбата зборуваше за плановите на новата Влада за суштински и вистински реформски зафати со цел достигнување на стратегиските цели на земјата – членството во НАТО и во Европската Унија. Министерката истакна дека Македонија ќе даде придонес во создавањето на амбиент за потесна соработка во регионот и останува посветена на учеството во меѓународните мисии за поддршка на мирот предводени од НАТО, Европската Унија и Обединетите Нации.
На средбата беше потенцирана важноста на регионалната соработка како предуслов за стабилност и безбедност. Во таа насока амбасадорот Герет рече дека и покрај процесот на излегување од Европската Унија, Обединетото Кралство останува активен дел од Европа и сојузник на НАТО-Алијансата за која регионот и Македонија се од голем интерес.
Амбасадорот Герет изрази недвосмислена поддршка за членството на Македонија во Алијансата, и додаде дека треба да се искористи овој момент на изразен оптимизам и ентузијазам видлив во Македонија и кај партнерите.
Сеопфатната одбранбена соработка помеѓу двете земји започна во 1995 година и опфаќа разни курсеви, работилници и семинари од областа на градењето интегритет, стратегиското лидерство, менаџментот во одбраната, воената едукација на Кралскиот колеџ во Лондон и други високо-образовни институции.