Средба на министерот Спасовски со Амбасадорот на Кралството Холандија

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска одржа работна средба со амбасадорот на Кралството Холандија Н.Е. Вилем Ваутер Пломп.

Амбасадорот Пломп му го честита изборот на министерот Спасовски и му посака успешна работа. Тој ги потенцира одличните односи меѓу двете земји и решеноста на Кралството Холандија максимално да и помогне на Република Македонија во областите за кои таа помош ќе биде побарана.

Министерот Спасовски се заблагодари на честитките и досегашната соработка со Кралството Холандија и изрази уверување дека таа во иднина ќе биде уште посодржајна. Тој ја потенцира решеноста за спроведување на реформи во македонската полиција, со крајна цел полицијата да се департизира и декриминализира и да биде вистински сервис на граѓаните. Според министерот Спасовски, принципите на законитост, одговорност и чесност мора да бидат основни принципи на секој вработен во МВР.

Министерот Спасовски потенцира дека во наредниот период ќе им се даде простор на професионалците во МВР, а пример за таквата тенденција е и назначувањата на директорите на УБК и БЈБ, професионалци со долг стаж во Министерството за внатрешни работи.