На ликовната колонија „Дрен“ творат уметници од Македонија, Русија и Бугарија

Во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп во тек е десеттото, јубилејно издание на реномираната ликовна колонија „Дрен“ на која творат десетина уметници од Македонија, Бугарија и Русија. Започнувајќи од минатата година, колонијата има мултимедијален карактер и се одржува во ликовното ателје и во дворот на Центарот, каде домашните автори: Андријана Мациев, Новица Трајковски, Петра Јовановска, Верче Николоска, Александар Џинго, како и гостите од Русија и Бугарија: Елена Ривка Беларeва, Виктор Пушкин, Маријана Везарова и Пламен Бонев, создаваат дела инспирирани од опкружувањето и луѓето од нашето поднебје.

Учесниците на колонијата се согласни дека ликовните колонии се одлична можност за дружење, но и убава можност за размена на искуства меѓу уметниците и за создавање на креативни дела во повеќе уметности, кои на 26 јуни, на затворањето на колонијата ќе бидат изложени пред публиката.

Колонијата „Дрен“, годинава се одржува рамките на Прилепското културно лето, кое со поддршка на Министерствто за култура го организира Центарот за култура „Марко Цепенков“.