Првиот чартер-лет со 220 полски туристи од Катовице пристигна утрово на аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид одбележувајќи го почетокот на соработката меѓу ТАВ Македонија и еден од најголемите полски тур-оператори, Рего-Бис
Со меѓународниот воздухопловен гест – воден мост во форма на виножито, со традиционалната македонска закуска – погача и сол, како и со церемонија на сечење торта, ТАВ Македонија утрово го пречека првиот чартер-лет од Полска на аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, одбележувајќи го почетокот на соработката меѓу ТАВ Аеродроми и еден од најголемите полски тур-оператори Рего-Бис.
Првиот чартер-лет, управуван од полската авиокомпанија Смол Планет Ерлајнс (Small Planet Airlines), пристигна од Катовице и донесе 220 полски туристи во убавиот Охрид.
„Се сеќавам дека кога го склучивме Договорот со еден од најголемите полски тур-оператори Рего Бис во 2016 г., по долгите преговори што ги водеше Маркетинг-Одделот на ТАВ Аеродроми во Истанбул, бевме среќни поради тоа што ќе отвориме комплетно нов пазар од кој ќе пристигнуваат патници на аеродромот во Охрид, како и во самиот град Охрид. Од тој момент, па се до денеска, со нетрпение очекувавме да го пречекаме првиот лет со полски туристи во Охрид. Утринава сме сведоци на тој момент и сме исклучително среќни што го поздравивме пристигнувањето на оваа прва група со 220 туристи од Катовице на аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, одбележувајќи го оперативниот почеток на соработката со Рего-Бис. Како резултат на таа соработка, ќе имаме 1 чартер-лет неделно, односно секој четврток, од Катовице, опериран од Смол Планет Ерлајнс (Small Planet Airlines) за време на летната сезона во 2017 година. Од денеска, па се до крајот на септември, на охридскиот аеродром ќе пристигнат вкупно 14 сезонски летови од Катовице. Би сакал да им се заблагодарам на сите инволвирани страни – најпрво на Рего-Бис како наш партнер, на Смол Планет Ерлајнс (Small Planet Airlines), на македонската туристичка агенција Фибула Ер Травел, на Министерството за транспорт и врски, на Агенцијата за поддршка и развој на туризмот, на Општините, на полскиот Амбасадор, како и на сите надлежни институции од областа на воздухопловството и туризмот,“ изјави Алпер Ерсој, Генерален директор на ТАВ Македонија.
Како што изјавија од ТАВ Македонија и согласно најавите од полскиот тур-оператор, авиолинијата Катовице – Охрид е само првата рута на која ќе сообраќаат чартер-летови од Полска. Следна дестинација од каде што се очекуваат полски туристи да пристигнуваат на Охридското езеро е Варшава.
„Соработката со Македонија преставува огромен успех за нас. Ние сме првиот полски тур-оператор што нуди летови и автобуски превоз од Катовице (Полска) до Охрид и благодарение на оваа соработка преку 5.000 полски туристи ќе ја посетат Македонија оваа сезона. Повеќе од 3.000 од туристите ќе пристигнат со 14-те летови со Ербас 321 – а со секој лет 220 патници ќе слетуваат во Охрид. Другите туристи ќе пристигнуваат со комфорни автобуси на секои десет дена. Ова не е само можност да им се излезе во пресрет на полските туристи за да можат да патуваат, туку ова е исто така можност да им помогнеме да ја истражат македонската култура и историја“, изјави Габриела Манка-Сокулу, Сопственик на Рего-Бис.
Покрај чартер-летовите од Полска, на охридскиот аеродром за време на летната сезона сообраќаат сезонски летови од различни дестинации, вклучувајќи ги традиционалните летови со холандски туристи од Амстердам кои што доаѓаат со Корендон (Corendon) и ТУИФлај (TUIFly), како и летовите од Брисел кои што почнаа да сообраќаат во 2016 година, во организација на еден од најголемите европски тур-оператори Томас Кук (Thomas Cook); понатаму чартер-летовите од Тел-Авив, исто така воведени во 2016 година од страна на израелската авиокомпанија Аркиа (Arkia); сезонските летови на линијата Белград – Охрид со Ер Србија (Air Serbia), како и редовните авиолинии од Лондон, Базел и Цирих, со Визер (Wizz Air) и со Германиа Флуг (Germania Flug).
ТАВ Македонија и натаму бележи пораст во патничкиот сообраќај на двата македонски аеродрома – „Александар Велики“ во Скопје и „Св. Апостол Павле“ во Охрид. Во првите 5 месеци од 2017 година преку двата аеродрома патувале 690.083 патници, што е годишно зголемување од 6% на патничкиот сообраќај.
Со четирите нови линии кои што треба да бидат воведени во јули од аеродромот во Скопје, до Рим, Малта, Ваксјо (Шведска), од страна на Визер (Wizz Air), и до Доха од страна на Катар Ервејс (Qatar Airways), ТАВ Македонија очекува порастот на патници и натаму да продолжи.