Во рамки на дводневната посета на Република Бугарија на делегацијата на Владата на Република Македонија предводена од премиерот Зоран Заев на 20 и 21 јуни 2017, министерот за култура на Република Македонија, Роберт Алаѓозовски оствари средба со министерот за култура на Република Бугарија, Боил Банов.
На средбата беше посочено дека соработката во областа на културата има традиционален карактер и е регулирана со Спогодбата за културна соработка меѓу Владите на двете земји од мај 2000 година, како и со Програмите меѓу двете Министерства, кои се потпишуваат на три години. Во тој контекст, министрите за култура најавија дека најновата програма за соработка во областа на културата за периодот 2017 – 2019 година ќе се потпише во текот на есента.
Алаѓозовски и Банов разговараа за соработката, која се одвива во сите дејности од културата. Бугарскиот министер Банов се заложи посебен акцент во идните односи да биде ставен на културниот туризам. Министерот Алаѓозовски истакна дека треба да се унапредат и билатералните проекти, кои се поддржуваат од програмите на Европската Унија. При тоа, тој посочи дека капацитетот на македонско – бугарските партнерства не е искористен во мултилатералните проекти, кои се финансираат од програмата на ЕУ „Креативна Европа“.
Освен на билатерален план, двете земји остваруваат одлична соработка и на мултилатерален план, како членки во Меѓународната фондација „Форум на словенски култури“, во Советот на министри од Југоисточна Европа, а реализираат и заеднички проекти во рамките на соработката со УНЕСКО. Во оваа смисла, Алаѓозовски му ја изложи на својот бугарски колега идејата Советот на министри да се развие по добриот пример на Нордискиот совет на министри за култура, кои имаат и заеднички канцеларии и фонд за поддршка на проекти.
На средбата се разговараше и за Иницијативата „16+1“ на НР Кина и земјите од Централна и Источна Европа, при што министерот Алаѓозовски побара од министерот Банов и Република Бугарија да ја дадат својата поддршка за предлогот идниот Координативен центар за културна соработка меѓу овие земји да биде востановен во Скопје. Алаѓозовски информираше дека досега поддршка за отворање на овој Центар во Скопје е добиена од 10 држави, и тоа од Албанија, Босна и Херцеговина, Естонија, Латвија, Литванија, Црна Гора, Полска, Словачка, Словенија и Унгарија, а дека сè уште не се изјасниле Бугарија, Хрватска, Чешка, Романија и Србија. Министерот Банов со задоволство ја поздрави иницијативата и рече дека ќе даде поддршка за овој предлог.