Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска одржа работна средба со Регионалниот координатор на Меѓународната организација за миграции (ИОМ) за Западен Балкан г-дин Питер Ван Дер Ауверарет и со шефот на Канцеларијата на ИОМ во Скопје г-ѓа Соња Божиновска-Петрушевска.
Претставниците на ИОМ му го честитаа изборот на министерот Спасовски и изразија подготвеност да му помогнат на Министерството за внатрешни работи во периодот што следи, имајќи го во вид фактот дека оваа организација и до сега обезбеди значителна поддршка за МВР, особено во текот на мигрантската криза, преку опремување на прифатните центри и обезбедување на опрема за регистрирање на мигрантите.
Министерот Спасовски се заблагодари за досегашната соработка и истакна дека многу ја почитува поддршката што ИОМ и Европската унија ја даваат на МВР, особено во делот на граничната полиција. Ваквата поддршка е значајна не само за успешно справување со миграциската криза, туку и за создавање на еден нов и современ пристап за обезбедување на државните граници.