Во „Мала станица“ во Скопје, во организација на Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“, ЛГБТИ Центарот за поддршка и ЛГБТ Јунајтед од Тетово, започна традиционалниот „Викендот на гордоста“ (Skopje Pride Weekend), годинава тематски и концепциски насловен ТРАНС-ФОРМАЦИИ. Фестивалот го отвори министерот за култура на Република Македонија, Роберт Алаѓозовски.
Во своето обраќање, министерот Алаѓозовски рече дека досегашните културни политики се засновале претежно на застарени концепти за културата, и дека тие треба да се заменат со стратегии кои што ја земат предвид плуралноста и хетерогеноста на различните култури и културни практики, кои ги изразуваат потребите, спецификите, желбите, интересите, верувањата и светогледите на различните групи во општеството.
„Критичкиот однос кон овие аспекти, во светски рамки, веќе неколку децении е извор за создавање на некои од најзначајните дела во историјата на модерната и современата уметност, додека во Македонија, кон овие прашања, сè уште се пристапува срамежливо и спорадично. Затоа, овој фестивал, од една страна е одлична можност за вреднување на уметничкиот квалитет на овој пристап во уметноста, а од друга страна треба да биде поттик за македонските уметници да им пристапат на овие прашања на отворен начин“, посочи Алаѓозовски.
Според него, ваквите манифестации придонесуваат во разбивање на изолацијата на различните граѓански сектори, градење на мостови на соработка, размени и дијалог, односно интерсекторска соработка. Фестивалот дава добри насоки за развој на модели на соработка помеѓу граѓанскиот сектор посветен на борбата за човекови права, културниот сектор, културните работници, уметниците и различите културни установи и институции, како и истражувачите, теоретичарите и академската заедница, односно за трансдисциплинарен пристап кон културата и уметноста.
„Токму ваквите манифестации имаат значајна улога во борбата со стереотипите, дискриминацијата и насилството во нашето општество. Со нашето присуство тука, потврдуваме дека еднаквоста, правдата и солидарноста се темелите на кои треба да ја градиме иднината на нашата земја, како иднина на демократско и отворено општество, еднакво за сите граѓани. Уметноста е едно од најмоќните оружја за да стигнеме до овие цели. Да ја ползуваме и искористиме заедно, на најдобар можен начин“, порача министерот Алаѓозовски.