Министерот Оливер Спасовски и амбасадорот на Република Словачка Н.Е. Мартин Безак денеска ги посетија полицајците од 8-та ротација на припадници на полицијата на Република Словачка, кои спроведуваат заеднички патролни активности со нашата полиција на државната граница со Грција.
„Огромна благодарност до Словачката влада, Министерството за внатрешни работи на Република Словачка и амбасадата во Скопје за помошта која ни беше дадена кога ни беше најтешко. Ваква криза се решава само со соработка и солидарност. Сега состојбата на границата е стабилна“- рече министерот Спасовски во изјавата за медиумите.
Амбасадорот Безак потенцира дека миграцијата не е национален туку глобален феномен, кој бара соработка.
„Витален интерес на Словачка е Западно-балканската рута да остане затворена. Ние до сега во осум ротации испративме 190 полицајци на македонско-грчката граница и сме подготвени и натаму да помагаме“- рече амбасадорот Безак.