Распределени речиси сите легла во студентските домови

Заменик министерот за образование и наука, Спиро Ристовски на прес конференција информираше за реализацијата на процесот за прием и сместување на студенти во државните студентски домови за академската 2014/2015 година.

Тој потенцираше дека оваа година значително е олеснет процесот на аплицирање, затоа што, како што рече, започна да функционира системот на службено обезбедување на документација од Агенцијата за вработување на Република Македонија, Управата за водење на матични книги и Министерството за внатрешни работи, со што се намали бројот на потребни документи кои студентите ги доставуваат до ресорното министерство.

„Заклучно со 22 септември, вкупно 5.364 студенти кои претходно доставиле електронска апликација на интернет порталот www.smestuvanje.mon.gov.mk, поднесоа и документација до министерството. Комисијата утврди дека 12,3% од апликациите се со неточни податоци, односно податоците во електронската апликација не се идентични со податоците во доставената писмена документација. Сепак, оваа година имаме драстично подобрување на успешноста на пријавувањето, за разлика од минатата година кога бројот на неуспешни апликации изнесуваше 43% од вкупно поднесените апликации“, рече Ристовски, истакнувајќи дека распределбата на студентските легла и овој пат се спроведе максимално транспарентно и правично, согласно новиот Закон за студентски стандард, кој дава предност на студентите од социјално загрозените семејства.

Инаку, годинава легло добија 5.801 студент. Слободни остануваат 155 места, кои, државните студентски домови согласно законот имаат право да ги пополнат со студенти, по економски цени, односно по цени кои ќе ги утврдат Управните одбори на домовите.