Со 1,5 милион евра буџетски средства месечно, Владата ќе ги поддржи компаниите да исплаќаат минимална плата од 12.000 денари.
Како што соопшти денеска министерот за финансии Драган Тевдовски, поддршката ќе почне од септември кога се очекува и стартот на исплатата на минималната плата од 12.000 денари со што до крајот на годинава би биле потрошени шест милиони евра државни пари.
Ова е владиниот предлог што се разгледува со сите засегнати страни, синдикалците, коморите и работодавачите и според кој, од март 2018 година буџетската поддршка би се преполовила и би изнесувала 750.000 евра месечно.
„Средствата за финансиска поддршка на компаниите од септември до декември 2017 година, вкупно шест милиони евра, се предвидени со ребалансот на Буџетот. Во Македонија апсолутно има простор за подигнување на минималната плата ако се гледа структурата на БДП, учеството на платите и профитите, но, за да бидеме сигурни дека луѓето ќе бидат безбедни, дизајнираме мерки за поддршка на работодавачите. Клучно е да се исплаќа минималната плата во целост и да нема отпуштања“, истакна Тевдовски на прес-конференција, додавајќи дека се размислува, контролите да ги врши УЈП.
Поддршката ќе биде по исплатена бруто плата за луѓето да добијат повисока плата и истовремено фондовите да се полнат, да ги добиваат придонесите за пензиско и здравствено осигурување.
„Планираме да има рангирање, во првата група да бидат работниците со плата до 10.000 денари, во втората работниците со плата меѓу 10.000 – 10.500, третата 10.500 – 11.000 и четвртата 11.000 до 11.500 денари. Исто така и поддршката да биде скалеста, од 2.000 за првата група, 1.500 за втората,…., “објасни Тевдовски.
За работодавачите, владиниот предлог е прифатлив, но не смее да се дозволи евентуално создавање услови за т.н. урамниловка.
„Зголемувањето на платите по максимум 2.000 денари од вработен или 16 отсто не е голем товар за бизнисот, но, мора да се разговара за да не се предизвика урамниловка која негативно би се одразила врз добрите работници. Ако добриот работник остварува 12.000 денари, а зема иста плата со оној што остварил 10.000 денари, ќе се создаде урамниловка која ќе ја намали продуктивноста на компаниите, а тоа никој од нас не го посакува.“, оцени претседателот на Организацијата на работодавачи на Македонија Ангел Димитров пред средбата со Тевдовски за минималната плата.
Урамниловката може да се спречи, подвлече, ако се овозможи пораст на просечните плати во трудоинтензивните гранки. – Не е целта само работниците кои досега земаа под 12.000 нето плата да достигнат повеќе, мораме да ја подигнеме просечната плата во овие ганки за да може вработените да земаат 14.000 – 15.000 денари, посочи Димитров.
Според последните податоци на УЈП, во Македонија до 12.000 денари нето плата земаат 130.000 лица што е 20 отсто од вкупниот број вработени.
На денешната средба присуствуваа преставници на стопанските комори и на работодавачите. Дијалогот за минималната почна во петокот со средбата на владините преставници со синдикалците.