Средба на министерот Спасовски со делегација на Советот на Европа

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска одржа работна средба со делегација на Совет на Европа, предводена од г-ѓа Тања Ракушиќ-Хаџиќ, Раководител на Одделение за кривично-правна соработка во Генералниот директорат за човекови права и владеење на правото при Советот на Европа.

Г-ѓа Ракушиќ-Хаџиќ му го честита изборот на министерот Спасовски и му посака успех во справувањето со предизвиците кои стојат пред МВР во наредниот период. Таа изрази надеж дека преку тековниот проект на Советот на Европа ,,Јакнење на почитувањето на човековите права при полициско постапување“ ќе се помогне во враќањето на довербата на граѓаните во полицијата.

Министерот Спасовски се заблагодари за честитките и ја потенцира подготвеноста за соработка со цел да се реализираат потребните реформи во МВР. Според него, проектот што се реализира во соработка со Советот на Европа е многу важен, особено затоа што во изминатиот период, Одделот за внатрешна контрола и професионални стандарди не ја исполни својата функција, пред се поради субјективни причини односно партизираност, и со тоа придонесе за губење на довербата во полицијата. Министерот Спасовски потенцира дека формирањето на надворешен механизам за контрола– како дел од проектот е одлично решение, посебно во правец на формирање на посебно одделение во Јавното обвинителство како и одделение при Народниот правобранител со вклученост на невладините организации. Според министерот Спасовски, правната рамка за овие решенија треба да се дефинира кон средината на јули, а до септември треба да се достават до Собранието на Република Македонија, со целосна вклученост на стручната јавност.