Според Управата за хидрометеролошки работи, Македонија од денеска до сабота ќе биде зафатена од високи температури од портокалова фаза. Температурата на одредени места се очекува да го надмине 40-тиот степен.
Поради високите температури, Министерството за здравство препорачува од работни обврски да се ослободат бремените жени и хронично болните лица на возраст над 60 години, а работодавачите да го реорганизираат работното време со цел да се избегнуваат активности на отворено во периодот од 11 до 17 часот.
Се препорачува да не се одржуваат спортски активности на отворено во периодот од 11 до 17 часот, а во детските градинки да не ги изнесуваат децата на отворено во овој временски период.
На граѓаните им се порачува да ги почитуваат општите препораки за заштита од високите температури, како што се заштита од директна сончева изложеност, избегнување престој на отворено во периодот од 11 до 17 часот, носење светла и лесна облека, консумирање лесна храна и течности, хигиенски начин на подготовка на храната и редовно земање на терапијата кај хронично болните лица.