Министерката за одбрана на Република Македонија, Радмила Шекеринска, престојува во Брисел, во седиштето на НАТО-Алијансата, каде вечерва ќе присуствува на состанокот на Северноатлантскиот совет, посветен на мисијата „Одлучна поддршка“.
Во текот на денешниот ден, министерката Шекеринска ќе оствари поголем број билатерални средби со министри за одбрана на земјите-членки на Алијансата и земјите партнери.
Во пресрет на вечерашниот состанок, министерката Шекеринска посочи дека целта на посетата е Македонија да ја изрази својата поддршка кон мисијата „Одлучна поддршка“, но воедно да се истакне очекувањето дека земјата може да смета на идно членство во НАТО.
„Бевме партнер во тешки моменти на НАТО алијансата, очекуваме дека таа поддршка ќе се врати и со поддршка на Македонија за полноправно членство во НАТО“, рече Шекеринска.
Во однос на домашните реформи, министерката истакна дека Македонија ќе биде исклучително посветена на реформските процеси во областите во кои е посочено назадување.
„Нашите планови се многу јасни – Македонија ќе направи сè во поглед на внатрешните реформи, во поглед на враќањето на владеењето на правото, слободата на медиумите, контролата над извршната власт, за да ги исполни политичките критериуми кои долго време се сметаа за исполнети“, додаде министерката.
„Македонија придонесува за безбедноста на Авганистан, Босна и Херцеговина и Либан и сметаме дека е момент НАТО да придонесе повеќе за безбедноста на Македонија и целиот наш регион“, заклучи министерката.
Во првиот дел од денот Шекеринска се сретна со министрите за одбрана на Хрватска, Дамир Крстиќевиќ, и на Црна Гора, Предраг Бошковиќ, како и со директорот за одбранбено планирање во НАТО, Пол Северо.