Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, д-р Кочо Анѓушев, оствари средба со амбасадорката на Швајцарија, Н.Е. г-ѓа Сибилe Сутер Техада.
На средбата се разговараше за економската соработка помеѓу Швајцарија и Република Македонија, а особен фокус беше ставен на процедурите за потпишувањето на Меморандумот за разбирање помеѓу Владата на Република Македонија, Министерството за локална самоуправа и Амбасадата на Швајцарија/Швајцарската агенција за соработка и развој, за програмата „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој 2017-2021“ за која се планирани 5,3 милиони швајцарски франци, при што Владата на Република Македонија ќе учествува со 1,7 милиони швајцарски франци.
Главна цел на оваа програма е да овозможи одговорните институции успешно да ја имплементираат политиката за рамномерен регионален развој, при што треба да се земе во предвид нивото на развој на секој од регионите поединечно. Целта ќе биде постигната со воспоставување на „Систем за подобрување на координацијата во планирањето, спроведувањето, следењето и оценувањето на политикатта за рамномерен регионален развој во Република Македонија“.
Вицепремиерот Анѓушев истакна дека рамномерниот регионален развој е од особена важност за Владата, се заблагодари за поддршката од страна на Швајцарија и изрази надеж дека ќе се постигнат планираните резултати, со што ќе се достигнат целите на политиката за рамномерен регионален развој на земјата и ќе се допринесе за економско доближување на поединечните плански региони.
Вицепремиерот Анѓушев и Амбасадорката Техада се согласија дека економската соработка помеѓу двете земји мора да продолжи да се развива и дека во наредниот период со реализација на заедничките проекти ќе се постигнат уште позначајни резултати, со што ќе се придонесе за поинтензивен економски развој, како на локално, така и на државно ниво.