Илјадници верници на новоизградениот мал плоштад во Охрид денеска, на Денот на рибарите, со топла ракија и вино си посакуваа здравје и среќа во годината што е пред нас.
Се јадеше вкусна рибина чорба, пача, но и плашици, а по традиција, охриѓани скокаа и по бурето со црвено вино.
Најсреќен годинава се чини дека е 24-годишниот Петар Рупески кој прв доплива до бурето со црвено вино.
„Оваа година ми е најсреќна зашто го фатив и Светиот крст. Еве сега и го фатив и бурето со црвено вино. Се надевам дека оваа година ќе најдам работа бидејќи сум невработен, а ќе имам здравје, јас и моите роднини и пријатели и сите што ме познаваат и поддржуваат“, изјави Рупески.
Тој доби подарок, дрвен крст кој е реплика на оригиналниот што се фрла во осветените води и златник со ликот на Свети Јован Крстител.
Со овој ден завршува четиридневното одбележување на големиот христијански празник Богојавление – Водици кој последниве години најмасовно се одбележува во Охрид.
Годинава во студените езерски води беа фрлени пет буриња. Четири со бело вино и едно со црвено. Оние што ќе ги фатат бурињата, тие остануваат за нив. Специјално буре со вино денеска беше фрлено само за охриѓаните Симон Ѓурче и Влатко Димитров, ветерани во капењето токму на овој ден.
Извор: Супер радио