И понатаму пристигнуваат честитки за изборот на новиот премиер Зоран Заев и за новата Влада на Република Македонија.
Во писмото со најтопли честитки на Генералниот секретар на ОБСЕ, господинот Ламберто Заниер, се истакнува дека новата Влада претставува можност да се забрзаат реформските процеси како и принципите што ги застапува оваа меѓународна организација како што се владеењето на правото и функционирањето на демократски и одговорни институции.
Во писмото со честитки, Генералниот секретар на ОБСЕ, Ламберто Заниер до премиерот на Република Македонија, Зоран Заев ја пренесува и подготвеноста на оваа организација целосно да ја поддржи новата Влада на Република Македонија во предизвиците што стојат пред неа во наредниот период.
Поддршка за новиот премиер и за новата Влада на Република Македонија пристигна и од премиерот на Косово, господинот Иса Мустафа. Косовскиот премиер изразува убедување дека Република Македонија со новата Влада ќе обезбеди мирна иднина и просперитет за сите нејзини граѓани и дека Република Косово и понатаму ќе биде отворена за развојот на односите меѓу двете соседски земји.
Честитки по повод именувањето на новиот премиер на Република Македонија Зоран Заев пристигна и од лидерот на најголемата опозициска партија на Република Грција, Кирјакос Мицотакис.
Господинот Кирјакос нагласува дека изборот на Зоран Заев за премиер отвора ново поглавје кое најавува промени во односите меѓу двете земји. Лидерот на Нова Демократија, Кирјакос Мицотакис, во своето писмо со честитки најавува и подготвеност на неговата партија целосно да ги поддржи процесите за стабилност, соработка и економски врски меѓу сите земји во регионот.