Средба помеѓу Трајко Вељаноски и Бан Ки-мун во Њујорк

Во Њујорк, претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељаноски, имаше средба со генералниот секретар на Обединетите нации, Бан Ки-мун.

„Средбата и содржината на разговорот со генералниот секретар на Обединетите нации, г. Бан Ки-мун е своевидно продолжение на средбата која ја имавме за време на неговата посета заедно со г. Нимиц во јули минатата година.

Во оваа прилика изразив благодарност за неговиот активен и клучен придонес за придвижување на разговорите за решавање на спорот кој го имаме со нашиот јужен сосед, Република Грција и за потребата од што поскоро решавање на ова прашање кое непосредно го засега нашето интегрирање во ЕУ и НАТО.

Зборувајќи за парламентарната соработка во регионот, оценка е дека парламентарната дипломатија се повеќе станува значаен инструмент за остварување на соработка и конкретно со поинтензивната соработка со нашиот јужен сосед и користењето на парламентарната дипломатија може и полесно да се пристапи кон решавање на спорните прашања. Во оваа насока се очекувањата наскоро да дојде до средба на претседателите на двата парламенти, со што би започнала парламентарната соработка на сите нивоа.

Во делот на парламентарната соработка на глобално ниво беше искажано задоволство од досегашното ниво на соработка со Обединетите нации, односно со Интерпарламентарната унија. Исто така споделивме мислење за развојот на капацитетите на Собранието на Република Македонија како парламент кој постојано треба да инвестира во сопствениот капацитет за да ги преброди предизвиците“. – истакна Вељаноски.