Денес во просториите на Центарот за управување со кризи се одржа седница на Главниот штаб, на која се расправаше по прашања во врска со состојбата со серијата земјотреси во охридскиот регион.
По завршувањето на седницата, се одржа прес конференција на која се обратија директорот на ЦУК, м-р Агрон Буџаку, директорот на ИЗИС, Михаил Гарески, раководителот на РЦУК Охрид, Митко Темелковски и Горан Стојковски, раководител на Сектор за заштита на шуми и внатрешна контрола во ЈП Македонски шуми.
Директорот на ЦУК, Буџаку, во својата изјава истакна дека институциите на Системот за управување со кризи постојано ја следат состојбата со серијата земјотреси кои го зафатија охридско-преспанскиот регион, и преземаат континуирани мерки и активности за справување со истата. Исто така, потсети и на апелот до граѓаните да останат смирени и присебни, да не се создава паника која би предизвикала деструктивно однесување од поединци, да не се подлегнува на гласини и шпекулации за евентуална евакуација и да се следат препораките и насоките дадени од надлежните институции, а за било какви дополнителни информации, граѓаните можат да се обратат на бесплатните телефонски броеви на ЦУК – 195.
Директорот на ИЗИС Михаил Гаревски информираше дека виталните објекти во Охрид се во функционална состојба и дека немаат никакви оштетувања.
„Ги посетивме прво градинките, потоа болниците, поштата и сл. и заклучивме дека објектите се понови и немаат никакви конструктивни оштетувања. Забранивме моментална употреба на една градинка до Архивот на Охрид, не од аспект на тоа дека конструкцијата не чини, туку бидејќи се два објекта споени со фуга и постои мал ризик да не падне некој дел од малтер и да повреди некое дете“, – рече Гаревски.
Гаревски апелираше до граѓаните да не веруваат на лажните вести кои внесуваат паника кај населението, бидејќи никој не може да го предвиди земјотресот. Според него, по земјотресот со магнитуда 5 се очекува „афтершоковите“ да бидат со јачина од 3 па потоа 4 или пак со 3 степени според Рихтер кои, како што рече, се нормална појава по таква јачина на земјотрес.
Раководителот на РЦУК Охрид, Митко Темелковски, препорача граѓаните на Охрид и туристите да бидат внимателни и да ги почитуваат препораките од надлежните органи и информираше дека до сега на телефонскиот број 195 во Центарот во Охрид биле регистрирани 205 повици претежно за пријавување на оштетувања на објекти кои настанале како последица од земјотресот.
Покрај за состојбата со земјотресите, на седницата се расправаше и за високите температури во РМ – опасност за појава од пожари на отворен простор; како и разгледување на состојбата во транзитните центри Табановце и Гевгелија.
Во врска со високите темератури и опасноста за појава на пожари на отворен простор, се обрати, Горан Стојковски од ЈП „Македонски шуми“ кој информираше дека во моментов нема активни пожари и дека со оглед на високите температури во јуни се случиле само два, а во мај три пожари.