Груевски: Почнува со работа фабриката на „Адиент“ во ТИРЗ Струмица

Во технолошко-индустриската развојна зона во Струмица денеска ќе биде отворена фабриката на американската компанија „Адиент“ (поранешен Џонсон Контролс). Во фабриката, која што е прв капацитет во ТИРЗ Струмица, ќе се произведуваат навлаки за автомобилски седишта. Инвестицијата изнесува 20 милиони евра, а според првичните најави, предвидени се 1.500 вработувања. По повод новата инвестиција на социјалната мрежа Фејсбук се огласи и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.

Во фабриката, којашто е прв капацитет во ТИРЗ Струмица, ќе се произведуваат навлаки за автомобилски седишта. Инвестицијата изнесува 20 милиони евра, а според првичните најави, предвидени се 1.500 вработувања.

Во новиот капацитет, изграден на површина од 13.000 метри квадратни, треба да бидат префрлени 750-те работници што ги ангажираше „Адинет“ во браунфилд погонот во Струмица, а до крајот на годината уште 400 нови вработувања.

Изградбата на капацитетот почна пред една година, а инсталацијата на опремата и машините кон крајот на април.

На отворањето на фабриката е најавено обраќање на потпретседателот за операции на „Адиент“ Владимир Теплик, директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони Виктор Мизо, како и претставници на Владата.

Никола Груевски на Facebook објави

Денес и официјално започнува со работа новата фабрика на американската компанија „Адиент“, поранешен “Џонсон Контролс“ во својот новоизграден капацитет во Технолошко индустриска развојна зона „Струмица“. Во моментот работат над 800 луѓе, планираната бројка е да достигне до најмалку 1300, а многу веројатно е таа да се зголеми до 1500 вработувања, многу значајни за Струмица и околината. Ова е продолжување на успешната приказна на компанијата “Адиент“ која е најголем производител на автомобилски седишта во светот. Веќе во нивната изградена фабрика во Штип работат 1800 луѓе, што значи дека “Адиент“, поранешен “Џонсон Контролс“ ќе вработи над 3000 луѓе во Република Македонија што значи сигурна егзистенција на најмалку 3000 семејства. Имено, фабриката во Струмица се финишираше успешно по градба од речиси една година, кога во мај минатата година присуствувавме на поставување на камен темелник, а во 2015-та година најавивме дека ќе се започне со градба. Пред два ипол месеци бев во посета на градежните работи во зоната во Струмица и како што тогаш ветивме, оваа инвестиција сега се остварува и ќе значи огромен потенцијал за развој на градот Струмица и сигурни најмалку 1300 вработувања за Струмица. Ова е конкретен придонес за развојот на економијата и обезбедување на напредок на граѓаните. Токму затоа еден од столбовите на ВМРО-ДПМНЕ беше поддршка на домашното стопанство и привлекување на странски инвестиции за додатно забрзување на општиот економски развој. Ова е реален проект кој постои, а не празни ветувања какви Струмичани можеа да се изнаслушаат од неодговорни политичари. Покажавме дека единствени си стоиме на зборот, единствени ветуваме реално, реализираме и полагаме отчет пред народот, реализираме инвестиции, отвораме фабрики и нови работни места. Борбата за подобра Македонија никогаш не престанува, со кренати глави гледаме кон иднината и оваа битка тукушто започнува.