Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, придружуван од сопругата, г-ѓа Маја Иванова, од денеска до 7 јули 2017 година ќе престојува во работна посета на Кралството Шпанија, по повод учеството на 28. годишна сесија на форумот Кран Монтана, што се одржува во Барселона.
Претседателот Иванов ќе се обрати на официјалната сесија на отворањето на форумот на тема „Каков свет за иднината? Стратегии за стабилност во непредвидлива средина – кон нов начин на управување”.
Темите на дискусија на годинешниот форум се фокусирани на производството на енергија, климатските промени, мигрантската криза, зајакнувањето на улогата на жената во општеството и можностите за соработка на Медитеранот, Африка и Блискиот Исток.
Во петок, 7 јули 2017 година, на сопругата на претседателот на Република Македонија, г-ѓа Маја Иванова ќе и биде доделена наградата Златен медал на форумот Кран Монтана, за нејзините активности, проекти и иницијативи од хуманитарен карактер.
Форумот „Кран Монтана” е основан во 1986 година со цел да обезбеди широка меѓународна соработка и поврзување на економските чинители на светско ниво, како и да придонесе кон глобалниот економски раст, воедно обезбедувајќи стабилност, еднаквост и безбедност. Активностите и настаните во рамки на Форумот се насочени кон создавање платформи кои ќе им овозможат на политичките и бизнис лидери да ги имплементираат своите стратегии, да ги зајакнуваат партнерствата и да развиваат нови можности за соработка. Форумот тесно соработува со меѓународни институционални партнери, како агенциите на Обединетите нации, Европската унија и Советот на Европа.