„Франкенштајн“ на Драмски театар вечер на „Скопско лето“

Идејата на претставата е дали е можно современиот човек да си одговори на прашањето: Кој сум јас?, да ја осознае смислата на животот, да ја запознае љубовта и да ја препознае смртта …

На фестивалот „Скопско лето“ вечер на програмата е претставата „Франкенштајн – Алхемија на животот“ на Драмски театар-Скопје која премиерно беше изведена во јануари годинава. Претставата е работена според романот „Франкештајн или новиот Прометеј“ на Мери Шели, во режија на Лилиа Абаџиева од Бугарија.

Идејата на претставата е дали е можно современиот човек да си одговори на прашањето: Кој сум јас?, да ја осознае смислата на животот, да ја запознае љубовта и да ја препознае смртта.

– Романот на Мери Шели е готска романтична приказна која раскажува за утопијата, старата желба на човекот да „одземе“ од функциите на Бог и сам да може да твори и да создава живот. Возможно ли ќе биде, остварлив ли е сонот на Виктор Франкенштајн да му даде душа на едно суштество, кое го „склопува“ од различни тела во својот анатомски театар. И дали простите, на прв поглед, желби на тоа суштество да стане дел од овој свет, ќе се покажат едноставни за да се реализираат. Ќе може ли да и одолее на неподносливата самотија на која е осуден поради својот страшен и одбивен изглед, истакнува Абаџиева.

Во ликот на чудовишната креатура произведена во лабораторијата на доктор Франкенштајн настапува Игор Стојчевски, кому ова му е втора соработка со Абаџиева по претставата „Ромео и Јулија“ во Македонскиот народен театар. Неговиот „создавач“ – Франкенштајн, го игра актерот Зоран Љутков.

Покрај нив во актерската екипа се и: Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, Благица Димитровска, Филип Трајковиќ, Александар Степанулески, Соња Стамболџиоска, Димитрија Доксевски, Гордана Ендровска и Наталија Теодосиева. Режисерката Абаџиева е автор и на сценската адаптација, музичката подлога и кореографијата, а сценографијата, костимографијата и мултимедијата се на Васил Абаџиев.