Зоран Атанасов, в.д. директор на Агенцијата за храна и ветеринарство
Зоран Атанасов, доктор по ветеринарна медицина, е новоименуваниот в.д. директор на Агенцијата за храна и ветеринарство.
Роден e на 01.09.1966 година и со неговото 24 годишно работно искуство е истакнат и докажан професионалец во ветеринарството. Својата успешна кариера отпочна да ја гради во Армијата на Република Македонија и во Министерството за одбрана, каде што работи од 1994 до 2005. Потоа е ангажиран во Управата за ветеринарство при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, а од 2011 работи во Агенцијата за храна и ветеринарство.
Атанасов е еден од креаторите и изработувачите на Националниот концепт за логистичка поддршка на АРМ, на Доктрината за логистичка поддршка на АРМ и на Националниот концепт за поддршка од земја домаќин (НАТО партнерска цел). Работел и како советник во кабинетот на дополнителниот заменик министер во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Во Министерството за одбрана работел во секторот за логистика каде што има изработено упатства и прирачници за потребите на ветеринарното обезбедување при Армијата на Република Македонија и Министерството за одбрана.
Зоран Атанасов посетува бројни обуки и курсеви од областа на безбедноста и одбраната, меѓу кои позначајни се: Лидери на 21 век на Центарот Џорџ Маршал (“Lеаders for 21-st century“ – George C Marshal Center, Garmish Partenchirchen, Germany), Управување со ресурси, планирање и имплементација на финансиски и материјални ресурси на Кралска школа за бизнис (“Resource management Planning and implementation of finance and material resources“ – Queen’s school of business, Ottawa, Canada.)
Од областа на безбедност на храната има завршено повеќе обуки и работилници меѓу кои: Безбедност на храната, Министерство за земјоделство на САД, во рамките на програмата Кокран на Универзитетот на Северна Дакота (Food Safety / HACCP UNITED STATES DEPARTMENT OF AGRICULTURE Cochran Fellowship Program North Dakota University Fargo, U.S.A); Официјална контрола на храната од животинско потекло, микробиолошки критериуми и примероци – Агри-Консалтинг Европа С.А. (Official control of animal origin food, microbiological criteria and sampling – Agri-consulting Europe S.A); Следење на траги и официјална контрола на храната од животинско потекло на граничните контроли – (Traces and Official control of animal origin food on Border control point – BTSF, Trade Control and Expert System, TAIEX); Миграциите на кучињата и мачките (Movement of dogs and cats, BTSF); Употребата на трагите во извозот на живата стока и производите од животинско потекло, (Traces use at Import of live animals and products of animal origin, BTSF; Обука за ветеринарство и безбедност на храна на граничните пристаништа и во граничните инспекции, (Training on Veterinary and Food Safety control checks at seaport border inspection posts, BTSF).
До моментот на именувањето за в.д директор на Агенцијата за храна и ветеринарство, Атанасов работел како официјален ветеринар за здравствена заштита и благосостојба на животните.
Сања Лукаревска, в.д. директорка на Управата за јавни приходи
Сања Лукаревска е новоименуваната в.д директорка на Управата за јавни приходи.
Нејзиното 11 годишно работно искуство во Управата за јавни приходи е цврста гаранција за понатамошното професионално раководење и управување со оваа институција.
Родена на 12.07.1982 година во Скопје, дипломиран правник, својата професионална кариера во УЈП Лукаревска ја започнува како надворешен контролор – инспектор во Дирекцијата за големи даночни обврзници, а потоа работи во областа на фискализацијата во УЈП – Регионална канцеларија во Скопје и како асистент за правни и нормативни работи во Генералната дирекција на УЈП, во секторот за правни работи.
Активно е вклучена во сите процеси за унапредување и имплементирање на прекршочната постапка и Комисиите за прекршоци.
Во рамки на техничката Влада за подготовка и спроведување на изборите, била ангажирана како службеник во Кабинетот на дополнителниот заменик министер за финансии.
Има посетувано голем број работилници, семинари и конференции за прекршочна постапка, кадешто неколкупати била именувана за предавач од нејзината матична институција, Управата за јавни приходи.
Лукаревска била учесник и на Регионалната академија за демократија (RAD) заедно со други претставници од Југоисточна Европа кадешто се стекнува со дополнителни политички и стручни знаења.
До моментот на именување, Лукаревска работи во Дирекцијата за големи даночни обврзници во делот за присилна наплата и проблематика со одложено плаќање на даночен долг.