Свечено испратени 71 припадник на АРМ на мултинационалната вежба „Saber Guardian 2017“

Седумдесет и еден припадник на Армијата на Република Македонија денеска со свеченост, на која присуствуваше и министерката за одбрана Радмила Шекеринска, беа испратени на најголемата вежба во Црноморскиот регион, „Saber Guardian 2017“, вежба која вклучува 25.000 припадници на вооружените сили од 22 земји, а ќе се одвива на териториите на Романија, Унгарија и Бугарија.

„На ’Saber Guardian 17’ нашите учесници ќе покажат дека македонската армија и нејзините припадници навистина можат да учествуваат заедно со земјите-членки на НАТО и земјите-партнери во сериозни и комплексни вежбовни активности“ истакна министерката Шекеринска по свеченоста. Таа рече дека учеството на вежбата ќе ја зголеми подготвеноста на нашите сили и нашата интероперабилност со земјите-членки на НАТО и партнерите и додаде дека вежбата претставува одлична можност за извежбување на вооружените сили на земјите-учеснички во смисла на зајакнување на подготвеноста и подобрување на интероперабилноста под заедничка команда, извршувајќи целосен спектар на воени мисии, а во насока на поддршка на безбедноста и стабилноста на Црноморскиот регион.

Пред присутните министерката рече дека при минатонеделното учество на состанокот на министри на одбрана на земјите – членки на НАТО и земјите кои учествуваат во НАТО мисијата во Авганистан, при кусиот разговор со американскиот секретар за одбрана, Џејмс Матис и американскиот постојан претставник во НАТО, Ерл Литценбергер, од господинот Литценбергер кој бил дел од мисијата на НАТО во Авганистан била испратена благодарност до македонските војници кои го чуваа мирот и безбедноста на луѓето и на самата мисија. „Ваквите информации, ваквите изјави покажуваат колку е важно нашето учество во овие мисии и колку е важен вашиот ангажман во ширење на светскиот мир и безбедност и во промоцијата на Република Македонија и нејзините вооружени сили“, им порача министерката Шекеринска на припадниците на АРМ.

Како пример за одличната соработка и односи со Армијата на САД во Европа, која е организатор на вежбата „Saber Guardian“, министерката ја спомена и следната вежба која ќе се реализира од АРМ и Армијата на САД во Европа, и тоа на најголемиот македонски полигон „Криволак“. „Околу 300 припадници на Армијата на САД во Европа со преку 100 инженериски возила и опрема од Романија, преку Бугарија ќе се упати кон Македонија, каде од 28 јули до 8 август заедно со стотина припадници на АРМ од разни родови ќе се изведе вежбата ’Dragoon Guardian’“, информираше министерката. Таа додаде дека „особено нè радува фактот што една армија со исклучително високи критериуми како што е Армијата на САД, го одбра токму армискиот полигон ’Криволак’ за изведување на оваа вежбовна активност, бидејќи веќе извесен период се трудиме да го промовираме овој наш капацитет и во регионални рамки и пошироко“.

„Фактот што на АРМ и се доверуваат најкомплексни задачи, говори за нивото на професионалност, подготвеност и високиот ентузијазам на нашите војници“, заклучи министерката Шекеринска.

Заменик-началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-мајор Мухамет Рацај, пред припадниците на АРМ истакна дека вежбата „Saber Guardian 2017“ има за цел промовирање на регионална стабилност и сигурност во црноморскиот регион, зајакнување на партнерските капацитети и меѓусебната доверба. „Би сакал да ви се заблагодарам за покажаниот професионализам во текот на извршување на задачите и обврските за време на подготовките и да ви посакам успешно реализирање на вежбата“, рече генералот Рацај.

Пред присутните се обрати и амбасадорот на САД во Македонија, Џес Бејли, кој рече дека преку вежби како „Saber Guardian 2017“ САД ги зајакнуваат врските со сојузниците и партнерите на НАТО и ја потврдуваат трајната заложба за колективната одбрана и просперитетот на Европа. „Заедничките вежби ја подобруваат способноста на земјите за соработка, комуникација и интеграција во воени платформи. Уште поважно, тие градат лични врски помеѓу војниците и ја зајакнуваат нашата посветеност едни кон други“, рече Бејли.