Со низа мерки ПС Дебар ќе работи за подобрување на безбедноста во текот на оваа летна сезона

Со низа, пред се превентивни мерки, полициската станица од Дебар ќе работи да ја задржи, но и подобри безбедносната состојба на подрачјето во текот на овогодишната летна туристичка и жетвена сезона.

Активностите на полициските службеници ќе бидат насочени кон одржување на поволната состојба во јавниот ред и мир, криминалитетот како и стабилна безбедносна состојба во патниот сообраќај. Во овој период од годината, на подрачјето на Дебар и Центар Жупа се очекува зголемен интезитет и оптоварување на сообраќајот на локалните и регионалните патишта, пред се поради доаѓањето на граѓани од регионот кои се наоѓаат во привремена работа во странство а кои своите годишни одмори, ги поминуваат во родниот крај. За очекуваната зголемена сообраќајна фрекфенција, свое влијание имаат и љјубители на планинскиот, бањскиот и езерскиот туризам како и бројните риболовци на Дебарско езеро и реките кои се протегат покрај регионалните патни правци Дебар – Струга и Дебар – Маврово. Покрај ова, значајно е што мошне голем број на граѓани од подрачјето на општините Дебар и Центар Жупа се занимаваат со земјоделие што значи дека и оваа категорија на возила ќе бидат присутни на патиштата низ општините. Во рамките на превентивно делување, предвидена е работна средба со земјоделците со цел нивно запознавање за обврските кои ги имаат како учесници во патниот сообраќај што управуваат со земјоделски машини како и законските мерки во случај на непочитување на сообраќајните правила и прописи. Посебно ќе се апелира, земјоделци корисници на земјоделска механизација и работни машини, да се грижат за техничката исправност на земјоделските машини и возила, на сопирачките, светлата и светлосните сигнални уреди, пократко користење на регионалните патни правци и дисциплинирано движење во јавниот сообраќај посебно во вечерните саати.

Сообраќајната полиција, во централното градско подрачје и надвор од градот редовно и интензивно ќе ја следи проодноста на сообраќајот, непрописно паркирање и задржување во сообраќајот со цел елиминирање на можните застои во сообраќајот. Предвидени се и поинтензивни контакти со надлежните субјекти за одржување на улиците во градот и јавните патишта надвор од населено место но и мерки за заеднички настап по одредени констатирани проблематични состојби. Особено внимание ќе се посвети на безбедноста на најзагрозената категорија учесници во сообраќајот: пешаци, велосипедисти и моторциклисти.

Примената на предвидените законски мерки ќе биде неселективна, професионална и ефикасна, посебно во случаи на користење на алкохол, психотропни супстанции или други флагрантни кршења на законските одредби.