Празник на иконата Одигитрија и Преподобен Давид

Празник на иконата Одигитрија

Оваа икона ја изработи на дрво самиот евангелист Лука. Кога ја виде, Пресвета Богородица ја благослови. Свети Лука му ја подари иконата на тој Теофил кому му ги пишуваше Делата Апостолски. Подоцна ја пренесоа од Антиохија во Ерусалим, а од Ерусалим ја зеде царицата Евдокија и ја испрати во Цариград до сестрата на царот, кај побожната Пулхерија на дар. Пулхерија ја положи во Влахернската црква, којашто самата ја имаше подигнато. Еднаш им се јави Пресвета Богородица на двајца слепци и ги доведе до црквата Влахерна пред Својата икона и овде на обајцата им го врати видот. Затоа оваа икона ја завикаа Одигитрија – Патеводителка. Кога војските на персискиот цар Хозрој и на скитскиот цар Каган удрија на Цариград, патријархот Сергиј ја изнесе оваа икона на градските бедеми и ја носеше по бедемите. Тогаш Пресвета Богородица ги спаси христијаните од нехристијаните. Непријателските војски се збунија, морето се возмути, корабите потонаа, непријателите што останаа во живот удрија во бегство. Оттогаш е востановен споменот на ова чудо на Пресвета Богородица во саботата на петтата седмица од Чесниот Пост со читање на Акатист. Во времето на иконоборството иконата беше пренесена во Светата обител на манастирот Пантократор и таму ја заѕидаа во ѕидот, а пред неа оставија кандило да гори. Како што ја заѕидаа потоа така и ја најдоа.

Преподобен Давид

Родум солунјанин. Прво се подвизуваше во близината на Солун, во една колиба подигната под бадемово дрво. Подоцна го продолжи подвигот во Тесалија. Постејќи, бдеејќи и молејќи се толку се очисти, што се удостои со голема благодат од Бога. Еднаш зеде жар во раката, стави темјан и го покади царот без ни малку да си ја повреди раката. Кога го виде ова, царот му се поклони до земја. Со своите многубројни чуда ги восхити луѓето. Се упокои мирно и се пресели во блажената вечност во 540 година.