ОО на СДСМ Дебрца испрати соопштение до медиумите, во кое стои:
„На средбата на поранешниот Премиер, Никола Груевски со граѓаните на село Горенци, минатото лето, на 24.07.2016 година, на барањето на жителите за надминување на проблемот со водоснабдување, односно рестрикциите на доток за вода на пиење во летните месеци, Градоначалникот на општина Дебрца, Игор Трајкоски посочи дека порачана е нова пумпа , со што ќе биде решен проблемот.
При вградувањето на пумпата, за која средствата беа обезбедени од кредитот на Владата на РМ од Европската Банка, Трајкоски уште еднаш се испофали дека со реализирањеето на оваа инвестиција, за населението и деловните субјекти кои со вода за пиење се снабдуваат преку пумпната станица “Св.Еразмо” ќе се обезбеди трајно решавање на долгогодишните проблеми и ќе се овозможи подобро и поквалитетно водоснабдување.
Дека и овојпат се работеше за празно предизборно ветување зборуваат целодневните рестрикции на вода за пиење, што деновиве ЈП “Дебрца” ги воведе за селата Горенци, Оровник и Подмолје.
Со ист проблем деновиве се соочуваат и жителите на село Издеглавје, кои поради дефект на пумпата повеќе денови се без вода за пиење, а од страна на надлежните во ЈП “Дебрца” нема ниту трага, ниту глас. Дури и обидите на граѓаните да го добијат телефонски Директорот беа безуспешни.
Во контекст на подобрување на водоснабдувањето, до Трајкоски го поставуваме прашањето и бараме јавно да одговори -што се случи со Проектот за зафаќање на дополнителни количини на вода за пиење од новиот извор во село Требеништа, за кој според податоците објавени на ЕСЈН на Бирото за јавни набавки потрошени се вкупно 2.018.836 денари, од кои за Хидро-геолошка техничка документација 823.356 денари, а за изградбата на пумпната станица 1.195.480 денари. Поминаа две години, а бенефитот од истиот го нема. Или се работи за уште една промашена инвестиција, што е константа во работата на актуелната локална власт во Дебрца.
По локалните избори, новата локална власт предводена од СДСМ ќе се заложи за административно, техничко, финансиско и кадровско зајакнување на Јавното комунално претпријатие, како вршител на комуналните дејности во општината, со цел обезбедување на квалитетни и одржливи комунални услуги.
Притоа, врвен приоритет ќе биде во секое село да се обезбеди чиста и здрава вода за пиење.“– стои во соопштението.