Со џез-квартетот „Форплеј“ утре почнува „Охридско лето“

Со концерт на модерниот џез-квартет „Форплеј“ утре на Античкиот театар во Охрид свечено ќе биде отворено 57-то издание на фестивалот Охридско лето.

Колективот од џез -музичари денеска на прес-конференција најави невиден спектакл заедно со оркестарот на Македонската филхармонија под диригентската палка на Емин Џијан.

Највозрасниот член на групата, Боб Џејмс, изрази одушевеност од Македонија, каде ќе настапат првпат.

„Како најстар член на групата можам да кажам дека сме одушевени од вашата земја. Имаме настапувано скоро во целиот свет, но првпат сме тука, во Македонија. Чест и задоволство е што ќе настапиме со вашиот национален оркестар. Само на тој начин можеме да го почувствуваме духот на овој народ,“ изјави Џејмс.

Музичарот Харви Мејсон ја нарече Македонија библиска земја.

„Оваа земја е спомната во Библијата и ми причинува особена чест што имам прилика да дојдам тука“, рече Мејсон.

Музичкиот селектор Ѓорѓи Цуцкоски рече дека огромна е честа да се најави светски познатиот состав на музичари, современиот џез-квартет „Форплеј“, кои повеќе од две децении ужива уметнички и комерцијален успех на светската сцена, креирајќи музика која имплементира елементи на аренби, поп и други стилови во нивниот веќе препознатлив џезерски стил.

Низ годините, нивните повеќе од 12 албуми се искачуваат на врвот на Билбордовата листа на современи џез-албуми, а групата и понатаму ги истражува неисцрпните димензии на џезот, изнаоѓајќи начини да се доближи и до пошироката публика.

„Нивните албуми доживуваат фантастичен успех кај јавноста и критиката. Во 2015 година со албумот „Силвер“, кој содржи нов и навистина разновиден звук, групата прослави 25 години на сцената. Бендот во јавноста е познат како бестрашен кога станува збор за експериментирање и поместување на границите на современиот џез“, рече Цуцковски.

Во претстојните 40 фестивалски денови, директорот на Фестивалот Оливер Арсовски најави рекордни 57 настани.

„Првпат во историјата на Фестивалот на свеченото отворање ќе имаме џез-настан, кој предизвика невиден интерес кај публиката. За утрешниот концерт пристигнуваат љубители на џезот буквално од целиот регион“, рече Арсовски.

Новина на Фестивалот, додаде тој, се џез-вечерите на 19-ти, 21-ти, 22-ри и 23 јули, а на програмата има 33 врвни концерти, девет театарски претстави, две балетски претстави, филм за охридскиот бисер, изложби…

„Имаме една целокупна програма која изобилува со врвна уметност и атрактивни нови содржини благодарение на новите селектори, музичкиот Ѓорѓи Цуцковски и селекторот за драма Зоран Љутков,“ истакна Арсовски.

Потенцираше дека е голема возбудата, но и обврската да се реализира годинашното издание, кое ја носи тежината на 56-успешни години.

„Како Фестивал со големи вредности на светската културна сцена, кој е под капата на Министерството за култура, а под покровителство на Претседателот на Република Македонија, посакуваме традицијата на успешни фестивалски изданија да продолжи и во иднина“, изјави Арсовски, кој во оваа пригода му заблагодари и на главниот спонзор Македонски телеком, како и на сите останати спонзори, помагатели и пријатели на фестивалот.

Од „Охридско лето“ оптимистички најавуваат дека настапите на големите светски уметници и врвните театарски изведби, кои ќе бидат вистинско уметничко доживување за публиката, ќе го одбележат ова фестивалско издание како едно од најпосетените.

Охрид од утре до 20 август ќе живее со уметноста. На сцените на Античкиот театар, Долни Сарај, црквата „Св. Софија“, нејзиното предворје, Центарот за култура „Григор Прличев“, но и други интересни локации низ градот, ќе се случуваат извонредно атрактивни културни настани, во кои можност да уживаат ќе имаат сите вљубеници во уметноста, на она што претставува врв во уметноста во светски рамки.

Програмата нуди неповторливи настапи на светски познати имиња и ансамбли од музичката, драмската уметност, програма за сите вкусови и генерации, сето вклопено во неповторлив природен и духовен амбиент каков што е Охрид.