Поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „напад врз службено лице при вршење работи од безбедноста“, СВР Охрид поднесе кривична пријава против Г.Ц.(36) од охридското село Подмоље.
Пријавениот, казненото дело го сторил на 27 мај оваа година, во 03 часот и 50 минути пред влезната врата на кабарето ,,Даг” лоциран на ,,Кеј Македонија” во Охрид. Тука, тој го нападнал М.В. вработен во агенција за обезбедување овластен за вршење на таа дејност и задолжен за извршување работи од безбедноста во угостителскиот објект. Нападот се случил откако, работникот на обезбедување, го повикал Г.Ц. надвор од кабарето, откако претходно добил известување од одговорното лице во кабарето дека Г.Ц. видно под дејство на алкохол врши провоцирање и вознемирување на гостите.
Пред влезната врата од кабарето, работникот на обезбедување му кажал на сега пријавениот дека не може повторно да се врати во објектот. Во тој момент, Г.Ц. започнал да му се заканува, набрзо извадил метален пендрек на расклопување и го удрил на М.В. во пределот на вратот и левата нога. За да одбие понатамошен напад врз себе,оштетениот М.В. со употреба на соодветен захват, успеал да го совлада пријавениот и го задржи се до доаѓање на полициските службеници а потоа бил пренесен во Општата болница во Охрид.