На Античкиот театар во Охрид синоќа свечено беше отворено 57-то издание на најголемата музичко-сценска манифестација во Македонија „Охридско лето“, која во наредните 40-ина дена ќе се одвива под мотото „Патот на магијата“.
Фестивалот за отворен го прогласи неговиот покровител – претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, кој истакна дека зачекорувањето на патот кон магијата е, всушност, чекорење по патот кон моќта.
„Но тоа не е онаа себична моќ да се доминира и контролира, туку алтруистичка моќ да се креира и споделува. Тоа е моќта на уметноста. Веќе 57 години фестивалот „Охридско лето“ е дел од нашиот пат кон моќта на уметноста. По тој пат секоја година минуваат бројни уметници од Македонија, Европа и светот, кои несебично ја споделуваат својата креативност и го задоволуваат нашиот длабок копнеж по убавина, добрина и слобода. Оттука, нема подобар начин да го започнеме нашето патување освен преку џезот, чие второ име е слобода,“ рече претседателот Иванов.
Министерот за култура Роберт Алаѓозовски истакна дека е голема одговорноста кон традицијата, пред се, кон нашите уметници и културни работници кои, како што рече, го градеа и го градат ова живо културно богатство, кон сите големи светски и домашни ументички имиња кои продефилираа на сцената на оваа искчучително квалитетна прослава на уметноста.
„По повеќе од половина век изградба на „Охридско лето“, манифестацијата стои исправена пред предизвиците на модерното време, новите културни наративи, новите технологии, уметнички изрази и новата публика. Сигурни сме дека во периодот што доаѓа „Охридско лето“ ќе понуди нова визија за новите времиња,“ рече Алаѓозовски.
Фестивалската порака ја кажа актерот Мето Јовановски, а фестивалот, првпат во својата историја, почна со џез-концерт. Настапува американскиот џез-квартет „Форплеј“ со оркестарот на Македонската филхармонија под диригентство на Емин Џијан.
Организаторите на фестивалот за оваа година најавија рекордни 57 настани, а Охрид ќе биде домаќин на над 300 врвни уметници, изведувачи и автори од 20 земји, меѓу кои од Кина, Индонезија, САД, Холандија, Италија, Русија, Австрија, Канада…
Во музичкиот дел од програмата, покрај воведувањето џез-вечери, се и гостувања на Рок Симфони, Влатко Стефановски и Камерен оркестар – Битола, како и ЕЛК Камерен оркестар од Кина. Фестивалската публика ќе има можност да проследи и настапи на домашни реномирани уметнички институиции и солисти.
Во драмскиот дел од програмата се претстави на домашни и странски театри, меѓу кои „Кралот Лир“ од Шекспир во изведба на Турскиот театар од Скопје во режија на Диего де Бреа, како и „Сон на летната ноќ“ исто така од Шекспир на американскиот режисер Џон Блондел, а во изведба на Битолскиот театар. Театарот од Велес Ј.Х.К- Џинот“ ќе ја изведе претставата „Ана Комнена“ од Сашо Димоски. Ќе настапат и Камерниот театар 55 од Сараево со претставата „Жаба“, „Отело“ во продукција на Театарот на бугарската армија од Софија, а ќе се одржи и концертно шоу „Меџик нешнл“ во режија на Јон Карамитру во продукција на Националниот театар од Романија.
Програмските содржини до 20 август ќе се одржуваат на познатите фестивалски локации – Античкиот театар, Долни Сарај, црквата „Св. Софија“ и нејзиното предворје, Центарот за култура „Григор Прличев“..