Дескоска одржа средба со Работната група за утврдување на потребата за измени на Законот за високо образование

Министерката за образование и наука Рената Дескоска, денеска одржа прва средба со Работната група за утврдување на потребата за измени на Законот за високо образование. Во Работната група, покрај претставници од повеќе државни и приватни универзитети, и синдикатите од областа на образованието, учествуваат и претставници од Професорскиот и Студенстскиот Пленум.

Дескоска потенцираше дека целта на средбите со Работната група е да се направи нов закон со кој ќе бидат опфатени сите аспекти од статусот и организацијата на универзитетот, надлежностите на Сенатот, начинот на управување на факултетите, статусот на наставниците, начинот на кој студентите ќе се организираат во рамки на универзитетот и процесот на нострификација на дипломите.

„Целта е да направиме еден нов закон за високо образование бидејќи постојниот закон веќе е премногу менуван и е нечитлив, нејасен и конфузен. Во моментот правни експерти дури имаат проблем да лоцираат која одредба кога стапува во сила со оглед на тоа што претходната влада носеше законски измени на овој закон коишто не беа обмислени и постојано ставаше нови измени со кои ги одложуваше измените“, рече Дескоска.

Дескоска додаде дека нема да се брза со носење на законот, туку предност ќе се даде на квалитетна дебата со која ќе се дојде до најсоодветни решенија. Според неа, оптимално ќе биде доколку новиот закон се донесе до крајот на годината.