Соопштение за повлекување на учебникот по Општество за IV одделение за деветгодишно основно образование

Министерството за образование и наука известува дека се повлекува од употреба учебникот по наставниот предмет Општество за IV одделение за деветгодишно основно образование од авторот Биљана Живковиќ, одобрен со Решение на министерот за образование и наука бр. 10-1596/1 од 19.06.2009 година.

Министерката за образование и наука Рената Дескоска, по предлог на Комисијата за повлекување од употреба на учебникот по Општество за IV одделение во деветгодишно основно образование од авторот Биљана Живковиќ, го потпиша решението за повлекување на учебникот.

Причина за повлекување на учебникот се констатациите на Комисијата според која во првата тематска целина од учебникот со наслов Семејство, домаќинсто и општество, се дадени информации, толкувања и активности кои се однесуваат само на потполни двогенерациски семејства, односно семејства составени од двајца родители и нивните родени деца. Со тоа, при обработка на овие содржини, децата кои живеат со еден родител, кои немаат родители или се посвоени или згрижени се ставаат во ситуација на ризик да се чувствуваат непријатно и/или засрамено заради различноста на нивниот семеен статус. Исто така, во образложувањето во учебникот за еднородителските семејства („Тоа се семејства каде што децата живеат со еден родител поради нивно несогласување“), ги става во непријатна ситуација децата чии родители се разведени, но и создава конфузија и/или нелагода кај децата кои живеат во еднородителски семејства поради други причини.

Комисијата констатирала дека учебникот по наставниот предмет Општество за IV одделение за деветгодишно основно образование нема мултикултурна и интеркултурна димензија, како и дека учебникот содржи поими и објаснувања кои не се прилагодени за возраста на учениците кои го користат.

Од тие причини, од страна на Комисијата е даден предлог за повлекување на учебникот по Општество за IV одделение за деветгодишно основно образование од авторот Биљана Живковиќ.