ОБРАЌАЊЕ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ВЛАДАТА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
КОМИСИЈА ЗА ЕВРОПСКИ ПРАШАЊА, СОБРАНИЕ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
Почитувани претставници на граѓанските организации,
Почитувани претставници на медиумите,
Почитувани присутни,
Како особено значајна ја прифатив поканата да учествувам на оваа седница на собраниската комисија за европски прашања за да ги презентирам клучните поенти на реформскиот План 3 – 6 – 9.
После големиот и долгогодишен застој на државата, одговорно велиме дека Планот 3 – 6 – 9 во себе носи отворени и реални перспективи за Република Македонија и за сите нејзини граѓани кон Европската Унија и кон НАТО, и, во исто време, сериозно подигање на севкупниот квалитет на животот на нашите граѓани.
Владата го создаде овој реформски документ значаен за иднината на Македонија, за триесетина дена по своето формирање. Како што ветивме: отворено, инклузивно и транспарентно, со сите засегнати страни.
Во тоа име денес сакам да се заблагодарам на присуството на вака огромен број на сите пратеници овде, и од власта и од опозицијата но и големата чест што дипломатскиот кор ја прави овде денес на оваа седница.
Тоа ја потврдува нашата силна определеност, да бидеме максимално одговорни кон обврските што ги презедовме: Планот е патоказ со јасни главни цели кои треба да ги оствариме на патот на нашите евро-атлантски аспирации. Овој план и неговото исполнување ќе потврдат дека Република Македонија претставува почитувана држава на достоинствени граѓани, Македонија за сите.
Дозволете ми уште еднаш да ви ги пренесам јасните и прецизни пораки на нашите стратешки и искрени пријатели од Европската Унија, испратени од Самитот на Западен Балкан којшто се одржа во Трст. Македонија, граѓаните на Македонија, новата Влада, Собранието и целото општество, имаме огромна поддршка за одлучноста за суштински реформи и за определбата за интеграција на нашата земја во ЕУ.
Нашите пријатели сметаат дека Македонија е на вистинскиот правец и порачуваат да се обединиме сите и во функција на исполнување на заедничкиот интерес заедно да стоиме во остварувањето на добри перспективи за нашите граѓани.
На сите состаноци бев уверуван дека процесите ќе бидат забзрани доколку, ние сите, како политички елити на граѓаните на Република Македонија, влеземе во колку што е можно поголема согласност за постигнување на нашата цел утврдена со Планот 3-6-9.
Ваква недвосмислена поддршка за Македонија, која што ја добивме покрај нашите соседи коишто треба да работат на регионалната соработка, ја добивме навистина од лидерите на најголем дел од земјите членки на Европската Унија. Добивме поддршка секако од еврокомесарот Хан, од потпретседателката и високата претставничка на Европската Унија, госпоѓата Могерини, но добивме и поддршка од канцеларката Меркел, од претседателот Макрон, од Премиерот на Австрија, Премиерот на Словенија, Премиерот на Бугарија, Премиерот на Хрватска и другите премиери коишто беа дојдени таму за Самитот, за да ја дадат токму поддршката на Западен Балкан, а со тоа и поддршката на Република Македонија.
Упатив благодарност до шефовите на државите и владите на Самитот во Трст, и порачав од наше заедничко име, дека постои политичка волја и во Собранието и кај Владата на Република Македонија да ја поддржи и прифати Aгендата за поврзаност на регионот, која што значи шанси за напредок на Македонија и на Западниот Балкан. Поврзувањето не е само политичко прашање за нас. Соработката не е само прашање на политичка култура. Тие се неопходност.Тие се мостови кон Европа и светот. Тие значат и конкретни придобивки во квалитетот на животот на нашите граѓани.
Почитувани пратеници,
Собранието има многу важна улога и одговорност во реализацијата на овој наш реформски план. Затоа, заедно со мнозинството во овој дом, апелирам за соработка и подавање на рака на владеачките партии со опозиционите партии, за да се вградиме сите во овој план, со свој поединечен и колективен придонес.
Не бараме од опозицијата да прифати сè, но бараме да учествува, да дава идеи и секако да биде конструктивен партнер, а барам и секако очекувам од мнозинството да има разбирање за сугестиите што доаѓаат од опозицијата и секогаш сваќајки ги првенствено како конструктивни.
Успехот на крајот ќе биде за сите нас, за Македонија. Ќе го имаме целосно правото да кажеме дека да, сите придонесовме за овој наш заеднички успех. Ова го правиме заради граѓаните и подобрување на нивниот живот, а не од тесно партиски интереси. Да ги заборавиме партиските интереси во име на целите на Планот 3-6-9. Тие цели ги споделуваме сите: Реформите за побрзо остварување на нашиот стратешки интерес – членство во НАТО и Европската Унија.
Токму заради овие интереси на граѓаните на Македонија,
Во првите три месеци сакаме да го реализираме првиот пакет реформи за да обезбедиме аргументација за Европската Комисија да ја отстрани условеноста на препораката за почеток на пристапните преговори.
За шест месеци планираме да го заокружиме вториот реформски круг. Со тоа да упатиме силна порака до Советот на Европа којшто ќе се одржи во декември 2017 година, дека остваривме сериозни резултати во повеќе области што ќе ја зацврстат перцепцијата за Македонија како земја кандидатка за член на Европската Унија.
Во наредните 9 месеци, заеднички да го имплементираме третиот круг реформи и до следниот извештај на Европската Комисија за Македонија, да ги убедиме земјите членки на Европската Унија да отпочнат постапка за утврдување на датум за пристапни преговори на Европската унија со Република Македонија.
Дозволете уште еднаш да повикам и да ви укажам дека Владата и овој План што го понудивме пред јавноста се целосно отворени за сеопфатна соработка со сите институции на државата, и со граѓанскиот сектор. Сите да се вградиме, сите да се вклучиме во оваа реформска акција за нашата заедничка Македонија.
Сите реформи сакаме да ги направиме на принципиелна основа, низ темелно согледување на состојбите и систематско решавање на проблемите, а не со избрзани и половични решенија.
Најавивме преку планот:
– Демократски Парламент;
Во целосна соработка со Собранието на Република Македонија, владата ќе се фокусира низ политички дијалог и соработка со сите парламентарни партии, и особено со опозицијата да придонесе кон тоа да се подобри демократскиот амбиент во законодавниот дом, а со тоа и севкупно во општеството.
Реформи во судството; Реформи во медиумите; Борба против организираниот криминал и корупцијата; Реформи во јавната администрација; Реформи во безбедносните служби; Услови за фер и демократски избори според препораките на ОБСЕ/ ОДИХР и сите други релевантни меѓународни организации ; Кохабитација и искрена соработка со Претседателот на државата.
Покрај овие наслови како приоритети, секако дека нема да ги заборавиме и другите преземени обврски и паралелно ќе работиме на нивна имплементација во интерес на сите граѓани на Република Македонија.
Сега мораме напорите да ги удвоиме, и тоа сите заедно.
Имаме вистинска шанса Македонија конечно да ја извлечеме од долгогодишната криза и суштински, еден по еден, да ги решиме длабоките проблеми.
Ова е момент на позитивна клима и енергија што низ заеднички досегашни напори допре и до Брисел и демократскиот свет. Ова е гласно потврдено и на Самитот за Западен Балкан во Трст. Лидерите на Европската унија, како што реков, и дадоа целосна поддршка на Македонија.
Да не го испуштиме овој момент, заради интересот на нашите граѓани и генерациите коишто доаѓаат после нас.