Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска се сретна со амбасадорот на Исламска Република Иран, Хоссеин Карими.
Амбасадорот Карими во име на претседателот на Иран, Хасан Рохани, пренесе честитки до премиерот Заев за стапувањето на должност претседател на Владата на Република Македонија, за мирната разврска на политичката криза и за новата реформска Влада што ја доби Република Македонија.
Оценето е дека по изборот на новата Влада постои поттик на нови програмски решенија, со позитивни идеи и позитивна енергија, што можат да ја придвижат земјата напред, во интерес на граѓаните на Македонија и коишто отвораат можности за продлабочување на соработката со Иран.
„Владата е определена низ инклузивни политики да овозможи економска стабилизација на државата и реализација на стратешките цели на земјата, членство во ЕУ и НАТО. Исто така, Владата е ориентирана кон добрососедски односи во регионот и развој на мегународната соработка, со цел отворање можности за соработка во области значајни за граѓаните“, рече премиерот Заев.
На средбата се потенцирани како вредност политиките на новата Влада за Едно општество на сите граѓани, кои ги зближија граѓаните во решавањето на нивните проблеми и потреби и кои се порака во светски рамки дека различностите по која било основа, можат да бидат предност за една земја, доколку за тоа постои искрена политичка волја.
Исто така, на состанокот се разговараше за создавање можности за поефикасна економска соработка, како и соработка на полето на туризмот.