Министерката Шекеринска на Денот за високи гости на вежбата „Saber Guardian 17“ во Романија

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска вчера во Чинку, Романија, присуствуваше на мултинационалната воена вежба „Saber Guardian 17“, предводена од Командата на копнените сили на САД за Европа.

„Овде сме на денот за високи гости на вежбата „Saber Guardian“, каде учествуваат 22 земји- членки на НАТО и земји партнери. Ова е шанса да покажеме дека АРМ и Македонија заслужуваат да се сметаат за партнер на НАТО, и дека Македонија заслужува НАТО да ја продолжи политиката на отворени врати“, истакна министерката Шекеринска.

Таа додаде дека Македонија останува посветена на подобрувањето на стабилноста и безбедноста во регионот и пошироко, како и на подобрување на условите, опремата и капацитетите на Армијата. „Ние ќе направиме сè нашата држава да стане земја-членка на НАТО“, заклучи министерката Шекеринска.

„Saber Guardian 17“ е најголемата вежба во Црноморскиот регион која се спроведува во три земји – Романија, Унгарија и Бугарија, а дел од неа се 25.000 припадници на вооружените сили од 22 земји од НАТО-земји и земји-партнери. На вежбите во Романија учествуваат 57 припадници на АРМ во составот на копнените сили на САД за Европа, и тоа 40 припадници од баталјонот на Воената полиција како дел од 709.воено-полициски баталјон на Армијата на САД, 8 припадници на инженериски баталјон во состав на вториот инженериски сквадрон на Армијата на САД и 9 припадници на Балканските медицински наменски сили во состав на 30-та медицинска бригада на Армијата на САД. Баталјонот на воената полиција ќе извршува задачи на обезбедување на конвојот за премин преку река, додека инженерискиот баталјон ќе учествува во изградбата на преминот. Припадниците на Балканските медицински сили се дел од медицинската поддршка со поставување и оперативност на лесната полска болница на ниво РОЛ-2.

Учеството на припадниците на АРМ на воената вежба „Saber Guardian 17“, чија цел е увежбување на вооружените сили за поддршка на стабилноста и безбедноста на Црноморскиот регион и нивното учество во составот на единиците на Армијата на САД е потврда за стратешката соработка меѓу армиите на Македонија и на САД и признание за високото ниво на воен професионализам на македонската Армија. Континуираната соработка со армиите на членките на НАТО и партнерските земји и учеството во воените вежби како „Saber Guardian 17“ е и демонстрација на подготвеноста на АРМ за учество рамо до рамо со сојузничките сили во здружени операции за јакнење на безбедноста во регионот и зголемување на интероперабилноста за учество во постојните и идни операции на НАТО.

На вежбата се демонстрира подготвеност за употреба на кредибилна колективна одбрана што вклучува компјутерски поддржани вежби, теренска обука и вежби со боеви гаѓања.

Министерката Шекеринска оствари и билатерална средба со министерот за одбрана на Романија, Адријан Цуцујану, прва меѓу министри за одбрана на двете земји по десет години.

Двајцата министри разговараа за унапредување и интензивирање на соработката во одбраната, јакнењето на капацитетите на АРМ за усогласување со стандардите на НАТО. Министерката Шекеринска истакна дека поддршката од Романија за членството на Македонија во НАТО е особено значајна и дека приемот на Македонија во Алијансата ќе даде придонес кон јакнење на безбедноста и стабилноста на регионот.

Министерот Цуцујану ја повтори отворената и безрезервна поддршка на Романија Македонија час поскоро да добие покана за членство. Тој го поздрави учеството на припадниците на Армијата на Република Македонија во меѓународните мировни мисии и рече дека ја цени улогата на Македонија како фактор на стабилност во регионот.

Двајцата министри разговараа и за конкретни активности за спроведување на Планот за билатерална соработка, како и за продолжување на позитивните искуства во соработката во обука на припадници на АРМ во Романија, но и за користење на капацитетите на АРМ, како полигонот Криволак и Регионалниот центар за односи со јавноста, за обука на кадри од Армијата на Романија.

Во македонската делегација, предводена од министерката Шекеринска се и бригадниот генерал Мирче Ѓоргоски и командантот на баталјонот на воената полиција потполковник Васко Коколански.

За Македонија е особено значајно е што по завршувањето на вежбата „Saber Guardian 17“, околу 300 припадници на Армијата на САД во Европа со преку 100 инженерски возила и опрема од Романија ќе пристигнат во Македонија каде на полигонот „Криволак“ од 28 јули до 8 август ќе се изведе воената вежба „Dragoon Guardian 17“.