Делегација на СДСМ предводена од Дејан Павлески, претседател на Комисијата за локална самоуправа на СДСМ и заменик министер за локална самоуправа, присуствуваше на „Дијалог на политичките партии од Кина – Централна и Источна Европа 2017“, во рамките на „Иницијативата појас и пат“, настан кој на 14-ти јули се одржа во Букурешт, Романија.
Во рамките на Дијалогот се одржаа и три форуми на теми: Улогата на младите, Меѓудржавна соработка и Бизнис дијалог за соработка“, при што Дејан Павлески зеде учество во вториот форум. Во своето обраќање, тој потенцираше дека Република Македонија има клучна местоположба на Балканот, крстосница која го поврзува југот со северот и истокот со западот. Павлески посочи дека дијалогот помеѓу политичките партии е од особена важност бидејќи токму тие ги создаваат политиките и ги пренесуваат на државно ниво. Во тој контекст, истакна дека политичката стабилност, како и одговорните политичари и политички партии се основата за нормален општествено-економски развој на државите и основен предуслов за регионална и меѓународна соработка.
На крајот, Павлески заклучи дека новата Влада на Република Македонија предводена од СДСМ е целосно подготвена и отворена за соработка со сите , почитувајќи ги принципите на меѓусебната доверба и почит, со цел за креирање нови перспективи и светла иднина за земјите од Централна и Источна Европа. Покрај обраќањето, Павлевски даде и изјави за кинески медиуми.
„Дијалогот на политичките партии од Централна и Источна Европа и Кина“ е продолжение на „Соработката на 16+1 земјите“, а во врска со „Иницијативата појас и пат“ чија идеја и цел е да се зајакне соработката помеѓу овие земји, особено во делот на инфраструктурата, енергетиката и земјоделието и на тој начин да се оствари поблиска соработка, што би довело до заеднички развој на целиот регион на кој некогаш се протегале старите патишта на свилата.