Набавката на опрема е врвен приоритет за МВР: Нови 15 комбиња за Единицата за брзо распоредување

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска во касарната Ѓорче Петров во Скопје присуствуваше на промоцијата на 15 комбиња кои се набавени за потребите на Единицата за брзо распоредување. Возилата се со 145 коњски сили, дизел машина, турбо дизел инџекшн со двојна турбина, вкупно 9 седишта, 2 лизгачки врати, од двете страни, што ќе придонесе за побрза реакција, голем багажен простор за опремата и безбедносни решетки на стаклените делови и фарови.

„Со ова се зголемува ефикасноста на Единицата, а со тоа и безбедноста на граѓаните. Опремувањето на полицијата е наш врвен приоритет. Само со мотивирани и добро опремени полицајци ние можеме да имаме и безбедна држава. Предвидена е набавка и на друга опрема со цел да се зголеми опременоста на специјалните единици. Во тек е и постапката за набавка на униформи кои што со години не се набавени, како и набавка на обувки за полицајците. Целата енергија и сите финансиски ресурси ги насочивме кон подобрување на условите за работа на македонската полиција“- рече министерот Спасовски во изјавата за медиумите.