Секторот за внатрешни работи Скопје – Единица за имотни деликти и малолетничка деликвенција – Одделение за имотни деликти и малолетничка деликвенција – Центар и Бит Пазар, со кривична пријава до надлежното Основно јавно обвинителство во Скопје го предаде лицето Б.П.(46) од Скопје, поради основи на сомнение дека претходниот ден (18.07.) година извршил кривично дело „разбојништво“ со што се стекнал со противправна имотна корист од околу 1.800,00 денари.
Пријавениот кривичното дело го извршил околу 13:25 часот на бул.„Крсте Мисирков‘‘ поточно зад пазарот „Бит Пазар‘‘, односно додека оштетената пазарувала и се движела околу тезгите, пријавениот и го грабнал паричникот од левата рака, во кој имала 1.800 денари во разни апоени и други лични документи. Оштетената се обидувала да не го испушти паричникот, но истиот со употреба на физичка сила ја турнал на земја и неколку метри ја влечел и откако ја совладал трчајќи се обидел да побегне.
Притоа пријавениот е фатен и задржан од страна на трето лице, се до доаѓање на полициски службеници од Полициска станица од општа надлежност „Бит Пазар‘‘ на лице место, по што е лишен од слобода и приведен.
На оштетената од извршеното кривично дело и се нанесени телесни повреди поради што и е укажана лекарска помош, а одземениот паричник и е вратен.
Освен овој случај Секторот за внатрешни работи Скопје – Единица за имотни деликти и малолетничка деликвенција – Одделение за имотни деликти и малолетничка деликвенција – Центар и Бит Пазар, со кривична пријава до надлежното Основно јавно обвинителство – Скопје го предаде и М.А.(44) од Скопје, поради основи на сомнение дека во периодот од 23.06.2017 година до 18.07.2017 година извршил девет кривични дела „разбојништво“ со што се стекнал со противправна имотна корист од 147.655,00 денари.
Пријавениот кривичните дела ги извршил во аптеки и тоа по две кривични дела во ПЗУ “Зегин Фарм“ лоцирана на бул.„Крсте Петков Мисирков“ и во ПЗУ “Еурофарм“ лоцирана на ул.“Кемал Сејфула“, а по едно кривично дело во ПЗУ “Зегин Фарм“ лоцирана на ул.„Џон Кенеди“, ПЗУ “Зегин Фарм“ лоцирана на ул.“Лазар Трповски“, аптека “Херба“ лоцирана во Поликлиника “Бит Пазар“, аптека “Молика“ лоцирана на ул.“Цветан Димов“ и ПЗУ “Да-Јана фарм“ лоцирана на ул.“Кемал Сејфула“.
Кривичните дела ги извршил со користење на мал пиштол сребрена боја притоа упатувајќи сериозни закани по животот на вработените, по што го одземал дневниот промет од касите во аптеките.
Веднаш по извршувањето на деветтото кривично дело на ден 18.07.2017 година во ПЗУ “Да-Јана фарм“ лоцирана на ул.“Кемал Сејфула“, М.А. кој на главата имал капа и го држел пиштолот во рака) бил забележан како бега во правец кон објектот на Македонски пошти – Чаир.
Во моментот кога бил пресретнат од полициски службеник од ЕПОИ Алфа, пријавениот најпрвин го вперил пиштолот кон него, а потоа истиот го фрлил во дворот од поштата, при што е спречен во намерата да избега и е лишен од слобода.
По наредба на Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство во Скопје од 7 (седум) аптеки се подигнати снимки од редовен видео надзор во кои јасно се гледа пријавениот додека ги извршува кривичните дела.
По извршениот службен разговор со пријавениот, од истиот се одземени паричните средства кои потекнуват од последно извршеното кривично дело и истите се вратени на оштетениот.