Македонија ја совлада Португалија со 52-47

Актуелниот состав на нашата сениорска кошаркарска репрезентација е спој на младост и искуство, но несомнено е дека овој ‘коктел’ и тоа како функционира на паркетот. Со смирени глави и, нормално, смирени раце, нашите сениори запишаа нова победа во рамки на подготвителниот период. Овој пат, пулените на Јорданчо Давитков ја совладаа сениорската селекција на Португалија во рамки на турнирот „Трофеј Македонија“.

Во првиот дел од натпреварот, во првите 15 минути се мачевме со пронаоѓање на вистинското темпо. Но истото може да се каже и за нашиот противник кој искористи неколку наши ситни грешки за да направи предност од скромни четири поени (21-25). Наредните десет минути (финишот на првиот дел и почетокот на вториот) избраниците на Давитков апсолутно доминираа на паркетот. Одбраната ни беше адут, а прецизни бевме и зад линијата 6,75. Сето тоа резултира со победа од 52-47 (15-18, 14-9, 10-4, 13-16).

Стрелци:
МАКЕДОНИЈА: Костоски (8 поени), Младеновски (2), Чековски (14), Стојановски (10), Стајиќ (5), Мекиќ (4), Јанески (4), Тасовски (1), Ѓуроски (2), Николовски (2)
ПОРТУГАЛИЈА: Лима (8 поени), Пинто (8), Халман (2), Силва (3), Барбоса (2), Ѓукиќ (2), Оливеира (4), Гуереро (8), Бело (2), Баросо (6)