Министерката за одбрана Шекеринска на средба со шведскиот амбасадор Стафансон

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денес во Министерството за одбрана се сретна со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Македонија, Н.Е. Матс Арне Стафансон.

На денешната средба министерката Шекеринска истакна дека Република Македонија цврсто стои на својата определена стратешка цел – членство во ЕУ и НАТО и високо ја вреднува поддршката од земјите членки и партнери на НАТО алијансата во насока на реализирање на својата цел. Таа додаде дека добрососедската политика на Владата на Република Македонија и Планот за реформи 3-6-9, ќе придонесат за одблокирање на членството на Македонија во НАТО.

Соговорниците искажаа подготвеност за интензивирање на билатералната соработка помеѓу Македонија и Шведска особено во однос на обуките за родова перспектива.

Амбасадорот Стафансон истакна дека иако Шведска не е членка на НАТО, таа е подготвена да и помогне на Македонија во областите кои се од интерес на Македонија, а во насока на зајакнување на билатералната соработка. Тој во оваа прилика го поздрави Договорот за добрососедство со Република Бугарија кој претставува важен документ и чекор напред кон отворањето на вратите за членство на Македонија за членство во евроатлантските структури.