Потпишан Договор за донација меѓу Меѓународната организација за миграции и МВР

Денес, 27.07.2017 година во 12 часот, Државниот секретар во Министерството за внатрешни работи м-р Магдалена Несторовска оствари средба со Шефот на канцеларијата на Меѓународната организација за миграции (ИОМ Скопје), г-ѓа Соња Божиновска- Петрушевска. На средбата беше потпишан Договор за донација на 10 рачни термални камери за набљудување и 1 сет на алат неопходен за одржување на опремата во вредност од 84,529 евра.

Донацијата е во рамки на проектот на ИОМ „Специјална мерка за поддршка на Република Македонија да раководи со јужната граница во контекст на Европската миграциска криза“, финансиран од Европската Унија, претставувана од Делегацијата на Европската Унија во Република Македонија.

Потпишувањето помина во пријателска атмосфера, при што Државниот секретар м-р Магдалена Несторовска и Шефот на канцеларија на ИОМ во Скопје, г-ѓа Соња Божиновска- Петрушевска го изразија своето задоволство од интензивната досегашна соработка особено во справувањето со миграциската криза. На средбата исто така, беа потенцирани и можностите за идна соработка меѓу Министерството за внатрешни работи и ИОМ на повеќе полиња, а особено давањето на взаемна поддршка во борбата против трговија со луѓе и миграциската криза, како прашања кои во моментот можат да имаат негативни реперкусии кон Република Македонија.