Започна 5то издание на фестивалот за процесирање култура

Со провокативниот наслов „Република Депонија“, околу кој е конципиран стартниот ден на Фестивалот за процесирање култура „ДримON“, започна петдневната програма која до 30 јули ќе понуди богата програма на дебати, изложби, филмски проекции, работилници, театар и многу дружење. Фестивалот се одржува во и околу Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга, а стартот беше одбележан со ден посветен на проблемот со струшката депонија.

Отпадот не е ѓубре – проблемот со струшката депонија треба да се лечи, а не да се спречува

Со „Република Депонија“ се отвoри и првата панел дискусија која го наметнува прашањето „Што (понатаму) со депонијата?“. Панел дискусијата беше во соработка со Граќанската иницијатива „Доста“ и со еколошкото здружение „Еко-свест”. Темата на дебатата ја стимулираше публиката за прв пат отворено да зборорува за мониторингот и надзорот на депонијата и нејзиното меџирање.

„Доколку има систем за селекција и рециклирање, граѓаните нема да имаат потреба да го фрлаат ѓубрето на диви сметишта. Треба да се побара поголема транспарентност во менаџирањето на парите од комуналната такса и каде одат тие пари. Меѓу другото, клучно е да се вклучи јавноста во одлуки какви што се овие, а тоа очигледно недостасува и од таму доаѓа целата вина кон институциите и системот “– велат од „Еко-свест”.

Организаторите на „ДримON“, Иницијатива за независен културен активизам (ИНКА) откриваат и дел од музичката програма на фестивалот – концерти на Сана Гариќ (четврток, 27 јули), „Фолтин“ (петок, 28 јули) и „BAD COPY“ (сабота, 29 јули).

Четврток на „ДримON“

Изложбата на фотографии „Пристапност” („AccessAbility“) ќе се одржи денеска (27.07) и е организирана во соработка со Шведската амабасада во Скопје. Публиката ќе има можност да види 25 портрети кои ги претставуваат, не само предизвиците, туку и успесите на лицата со попреченост во Шведска и во Македонија.
Единаесет силни личности од Македонија се прикажани низ објективот на фотографот Томислав Георгиев, додека наративниот дел е дело на Небојша Илијевски. Шведскиот дел од изложбата е базиран на 14 лични приказни портретирани од фотографот Маркус Марчетиќ, додека текстот е на Рикард Лагербер. Во продолжение на изложбата, следи мотивациски говор на Александар Матовски Цако, еден од истакнатите борци за човекови права и правата на лицата со Даунов синдром, како и еден од моделите на изложбата. Тој ќе ја раскаже неговата перспектива за секојдневните предизвици на лицата со попреченост. По неговиот говор, на панелот организиран во соработка со агенцијата „Холистик“, продавачот на уличното списание „Лице в лице“, Игор Шајноски, заедно со Анита Гаговска Шутиноска од „Порака Нова“ ќе зборуваат за пристапноста како нешто многу повеќе од обезбедување на услови во нашето физичко опкружување, отворајќи простор за разговор на темите за пристапност на лицата со попреченост до нивните загарантирани права, но и пристапност до свесноста на граѓанинот за секојдневните предизвици со кои овие лица се среќаваат во опкружувањето кое го делиме.

На крајот на овој фестивалски блок, по 21 часот ќе биде прикажан и шведскиот филм „Како да ги врзам врвките” во режија на Лена Копел, кој се базира на вистинитата приказна за театарската трупа „Среќен Худик“. Во кино зоната, во истиот термин ќе биде прикажан и филмот „24.док“ на Јане Алтипармаков направен како дел од проект на Здружението за поддршка на деца и млади со попреченост „Сината птица“ .
Белградската електро поп музичарка, Сана Гариќ, пред публиката на „ДримОN“ ќе го претстави својот албум „Свет за нас”, а концертот е најавен за 22 часот. Фестивалскиот ден се затвора со забава со диџеи од фестивалот „De: Sonanz“, која ќе започне на полноќ.

Петок за „На ти го – дај ми го“, изложба и нов број на „Лице в лице“

Третиот фестивалски ден е насловен „На ти го- дај ми го“ и започнува со утринскиот термин од 9 часот, кој е резервиран за авантурата за деца „Природно наследство скриено богатство“. Од 16.30 следи работилница за деца „Креативни со отпадот“, а од 17 е работилницата на „Фаринас хендмејд“ – „Фосилизација на уметност од отпад“. Терминот од 18 часот е „Треш колонија“, а еден час подоцна, зад главната сцена ќе биде претставата на Театарот за деца и младинци, „Гига мега бајка“.

Промоцијата на 26.број на уличното списание „Лице в лице“ и отворање на изложба на постери, насловена „Бегалци во сопствената земја“ е закажана за 19.30 часот, на Летната сцена, кога публиката ќе има можност да види и чуе за проблемите со кои се соочуваат повратниците, како и предизвиците за нивна интеграција во земјава. Настанот е организиран во соработка со Германското друштво за интернационална соработка, (ГИЗ).

Од 20 часот е отворената дебата на тема медиумски клиентелизам, насловена „На ти го -дај ми го“, на која новинарот Ѕвездан Георгиевски и медиумската аналитичарка Емилија Петровска Камењарова, заедно со публиката а под модераторство на Небојша Илијевски ќе понудат прашања и одговори за тоа како младата публика може и треба да ги избегне манипулациите со информацијата кои нè пресретнуваат во медиумие и на социјалните мрежи.

Од 21 часот е проекција на филмови од призренскиот фестивал „Докуфест“, а во вечерниот термин од 22 часот е резервиран за вжештена танцувачка атмосфера, со концертот на „Фолтин“. Овој фестивалски ден се затвора со настапи на миланскиот диџеј Ardimann и домашната поддршка Natty Fiyah SS.

Овогодинешното издание на ДримОН е под мотото “Градиме нови генерации”, што претставува простор за изразување и активизам за новите, но и за некои заборавени струшки генерации.