Царовска: Вклучуваме 682 деца во тринаесет градинки до крајот на годинава

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, денеска изврши увид во објектот каде што од септември ќе започне со работа првата градинка во општина Врапчиште. Во таа прилика Царовска даде изјава за медиумите која ви ја пренесуваме во продолжение:

„Мене ми е навистина мило што денеска во општина Врапчиште можам да видам дека се во крајна фаза на подготовка на овој објект, со цел од септември, ние како МТСП да ја доставиме опремата за градинката. Во Врапчиште имаме 1347 деца на возраст од 0 до 6 години. Но, опфатот на деца со градинки е нула. И тоа ни се случува во голем дел од нашите рурални општини. Затоа сум среќна што како министер за првпат посетувам, односно ќе отвориме градинка во рурална општина. Оваа градинка е проектирана да опфати 80 деца во четири занимални.

Една занимална треба да биде подготвена за дечиња од 0 до 3 години, а три занимални за деца од 3 до 6 години. Групите треба да бидат подготвени за да се организира настава, предучилишно образование, на македонски, албански и турски јазик. Тоа е договорено со општината. И тоа е исто така добар модел за интеграција, едно општество и заедничко живеење, што за мене е посебно важно.Дополнително, ја известуваме јавноста дека целата градба и опремување е во партнерство меѓу МТСП и општина Врапчиште. Сите градежни изведби се платени од општината, додека опремата е од МТСП, во висина од 1.985.421,00 денари.

Кога ќе добијат одобрение од комисијата на министерството, дека сите градежни работи се завршени согласно стандардите, ќе биде доставена и опремата, која е во процедура на набавка.Од ова место, сакам да ја известам јавноста дека во програмата на Владата се обврзавме да го прошириме опфатот на деца во градинки и дека ќе го правиме тоа подеднакво и во рурални и во урбани општини. Токму затоа, до крајот на 2017 година ќе се заврши изградбата и опремувањето на тринаесет детски градинки и ќе имаме зголемен опфат за 682 деца до крајот на годината.Оваа тенденција ќе продолжи и во 2018 година.

Во следниот период ќе доставиме до јавноста што е планирано за 2018 година. Целта е да обезбедиме рамномерен регионален развој и токму затоа ќе внимаваме и на рурални и на урбани општини, но исто така и на застапеноста на западна, источна, северна Македонија, односно сите региони ќе бидат еднакво покриени и поддржани од Министерството за труд и социјална политика.’’