Иванов на средба со членови на Македонското културно друштво „Браќа Миладиновци“ од Осијек

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска во Вила „Билјана” во Охрид, прими членови на Македонското културно друштво „Браќа Миладиновци” од Осијек, Република Хрватска.

Претставниците на Македонското културно друштво „Браќа Миладиновци” изразија благодарност за поддршката што ја добиваат од македонските институции и Република Македонија како матична држава и го информираа претседателот Иванов за предизвиците со коишто се соочуваат, како и за идните проекти, настапи и активности.

Македонскиот претседател го поздрави нивниот ангажман во промовирањето на македонската историја, културната и духовната традиција и вредности, додавајќи дека нивниот придонес е значаен за зачувувањето на македонскиот идентитет и за негувањето на македонскиот јазик.

На средбата се разговараше за активностите на Заедницата на македонците во Република Хрватска, а членовите на друштвото му подарија на претседателот Иванов, монографија на Македонското културно друштво „Браќа Миладиновци”.